ФИТР со нова иницијатива „Петок за млади“
Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) започна со нова иницијатива „#Петок за млади @ФИТР“ со цел да се поттикнат креативните вештини и иновативноста кај младите.
Овој петок (12.10.2018) започнавме со презентација на победничките проекти на учениците од пет средни училишта кои ги креираа во рамките на првата работилница за социјално претприемништво #UPSHIFT, која изминатата недела се одржа во Маврово, со поддршка на ФИТР и УНИЦЕФ.
„Оваа иницијатива е дел од новата програма на ФИТР – #Млади, со која сакаме да ги вклучиме младите уште од најрана возраст да почнат да истражуваат и да развијат критичка мисла, да се научат да развиваат иновативни проекти преку дружење и интеракција“, рече Деспотовски.
Директорот на ФИТР најави дека редовно ќе се организираат вакви иновативни тематски работилници со ученици од основни и средни училишта, а Фондот ќе објави и нов #Предизвик за млади истражувачи.
„Идеjата е да ги мотивираме децата да учат преку истражување, преку прашување, преку пронаоѓање на некои свои вистини со кои ќе ги поттикнеме да размислуваат критички и макар и да е погрешно, да кажат „не“. Не да читаат се од книги туку и самите да се обидат да направат нешто без да се плашат, “ рече Деспотовски.
Проектите кои денеска ги презентираа тимовите средношколци се однесуваат на подигање на еколошката свест: „Дај пластичен кош, не биди повеќе за природата лош“ и „Бон тон правила за животна околина“,проектот „Дружење без граници“ за поддршка на деца со посебни потреби, проектот за здрава храна „Енергични бомбици“,како и проектот „Динамик дуо“ за обновливи енергии. Потоа следуваше и заедничка креативна работилница. Специјални гости беа ученици од ОУ “Димитар Миладинов“ од Скопје.
Куса презентација на проектите и нивните тимови:
-
Тимот на СУГС Владо Тасевски од Скопје со проектот „Дај пластичен кош, не биди повеќе за природата лош“ – Продажба на стаклени шишиња или термоси со посебни стикери со еколошка порака со цел подигање на еколошката свест за последиците од прекумерниот отпад од пластични шишиња.
-
Тимот на Средното економско општинско училиште „Гостивар“ од Гостивар со проектот „Бон тон правила за животна околина“ – Набавка на посебни канти за отпадоци со 4 отвори и изработка на мобилна апликација која ќе сигнализира дали ѓубрето се фрла на право место. Целта е подигање на еколошката свест.
-
Тимот на ПСУ „САБА“ со проектот „Дружење без граници“ – Дневен центар за основци и средношколци со посебни потреби, со волонтерска помош тим психолози и дефектолози.
-
Тимот на ДСУ „Орце Николов“ од Скопје со проектот „Динамик Дуо“ – Две станици за полнење мобилни телефон, напојување со струја на мобилните телефони преку употреба на статични точаци.
-
Тимот на СОУ „Јане Сандански“ од Струмица со проектот „Енергични бомбици“ – Отворање на ресторан во своето училиште со мени со избор на здрава храна: смути, органски палачинки, свежи сокови и слично. Планот на тимот е вработување на двајца професионалци, како и волонтерски ангажман од страна на учениците.
Овие проекти беа наградени во рамките на програмата #UPSHIFT за социјално претприемништво која има за цел да им помогне на тимовите ученици во развивањето на иновативни идеи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа