Вардар ја запре Барселона - голем бод за црвено-црните во Скопје

Македонскиот шампион Вардар одигра нерешено 29:29 против европскиот вицепрвак Барселона во натпревар од 1.коло од групата Ц во ракометната Лига на шампионите.

Пред 7.000 гледачи присутни во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, Барселона се спасуваше од пораз. Во последната минута „Каталонците“ преку Никола Карабатиќ успеаја да изедначат на 29:29, а во последниот напад Вардар не успеа да реализира и да направи сензација.

„Црвено-црните“ одлично го отворија натпреварот со водство од 7-3 во 8.минута, а Барселона првпат поведе со 11:10 во 16.минута. На полувремето гостите имаа плус 4 (19:15). Во средината на вториот дел Вардар изедначи на 23:23, а потоа до самиот финиш ниту една екипа немаше поголема предност од еден гол.

Кај Вардар најефикасни беа Тимур Дибиров со 8 голови и Игор Карачиќ кој постигна 7. За гостите Сергеј Рутенка постигна 8 голови, а македонскиот репрезентативец Кирил Лазаров беше стрелец на 4, колку што реализираше и Никола Карабатиќ.

Вардар следниот дуел од Лигата на шампионите го игра веќе в среда во Минск против Динамо. На другите два натпревара од Ц групата: Вакер Тун – Металург 22:23 и ПСЖ – Динамо Минск 34:30

21.09.2013 - 20:54

најчитано сега