СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ го злоупотреби Закон за лустрација
ВМРО-ДПМНЕ нарачуваше лустрациски процеси по желба и го злоупотребуваше законот, затоа е против поништување на лустрацијата и затоа ќе загуби на 12 април, велат преку соопштение од СДСМ.
Од партијата соопштуваат блокирањето на Предлог законот за поништување на лустрацијата од страна на ВМРО-ДПМНЕ потврдува дека во оваа партија ништо не се променило.
„Христијан Мицкоски и дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ наместо оградување, се ставија во одбрана на бруталните злоупотреби на процесот на лустрација зад кои се криеше политичка и криминално мотивирана фамилија на режимот.
И наместо Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да се дистанцираат од грешките и злоделата на Никола Груевски, напротив, тие ги штитат, бранат и ги чуваат.
Уште еден доказ дека ВМРО-ДПМНЕ предводена од Мицкоски е раководена од Груевски од Будимпешта. Тоа се уште е истото нереформирано, режимско ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребуваше лустрацијата за политички, партиски и за лични цели. Тоа се потврди преку прислушуваните материјали, каде високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои Милишоски, Јанкуловска, Груевски си нарачуваа лустрациски процеси по желба.
Бруталната пресметка со неистомислениците и кршење на законот за лустрацијата, кои свесно ги спроведуваше ВМРО-ДПМНЕ и фамилијата се срамни и недозволиви и таа неправда мора да се исправи.
Новото предложено решение од страна на СДСМ е отстранување на штетните последици по лицата кои беа жртви на овие постапки пред Комисијата за верификација на факти, пред надлежните судови и пред другите органи и за оштетените лица од наведените акти и дејствија, се предвидува надоместок на штета.
На овој начин се заокружува правната рамка како стратешка цел на реформата во правосудството во однос на обезбедување на независноста и непристрасноста.
ВМРО-ДПМНЕ останува на страната на неправдата, затоа на 12 април ќе доживее силен пораз од граѓаните“ стои во соопштението на СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа