ВМРО-ДПМНЕ: Ако СДСМ поднесе писмена кривична пријава ќе добие контра тужба за лажно пријавување

     

  ВМРО-ДПМНЕ денеска остро реагираше на прес-конференцијата на Оливер Спасовски. Од партијата велат дека се работи за типично подбивање со јавноста.

        -  Прво, господине Спасовски очигледно немате храброст да поднесете писмена кривична пријава заради тоа што знаете дека зборувате невистини. Ако поднесете писмена кривична пријава, ќе добиете контра тужба заради лажно пријавување и конечно пред суд ќе можеме да ја докажеме правилната вистина. Но вашата цел очигледно не е тоа, вашата цел е да ги бламирате политичките неистомисленици и да се надевате дека ќе ги покриете и задскриете сомнежите за криминал против ваши партиски функционери, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

   Во реакцијата стои и дека доставувањето на иницијативата која е поднесена, по ниеден основ не е прекршен Законот за меморијалните споменици и спомен обележјата. Секој  граѓанин на Р.М. согласно позитивните прописи во државата може да поднесе иницијатива за подигање на спомен обележје. Со доставувањето на иницијативата Министерството за култура и министерот немаат направено никакво  оштетување на Буџетот.

         - Од овие информации треба да ви стане јасно дека улогата што ви ја дале денес е ниска, навредлива и плукачка. Доказ дека вас не ви е цел вистината е фактот дека денес ja прозивате министерката со цело име и презиме, со што вие директно го прекршувате начелото за пресункција на невиност. Ако немате храброст да се соочите пред надлежните институции најмалку што можете да направите е да се извините за грубите лаги и манипулации. По пракса кога се соопштува кривична пријава, па макар ваква смешна, усна како вашата, институциите користат иницијали. СДСМ и во минатото и сега оваа тема ја користи за да им наштети на своите политички противници. Вие очигледно не сакате да се дознае вистината, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

 

18.10.2013 - 16:42

најчитано сега