Преговорите меѓу СДСМ и ДУИ продолжуваат, се работи на четиригодишна владина програма и на распределба на одговорности во ресорите
И денеска продолжуваат конструктивните работни средби меѓу СДСМ и Коалиција "Можеме" и ДУИ, на ниво на генерални секретари, со цел обезбедување стабилна Влада која во полн четиригодишен мандат ќе ги испорача и оствари сите очекувани услуги и цели на граѓаните, соопштуваат од СДСМ.
- Откако двете партии ги утврдија коалициските принципи и определби на евентуалната идна заедничка Влада, денес се работи на усогласување на победничките изборни програми на двете партии и на создавање на четиригодишна програма за работа на идната Влада, во целост посветена на економијата, правдата, еднаквоста и интеграциите. Во тек е и распределбата на одговорностите според ресори во идната коалиција, процес во кој се постигнати добар напредок и начелни согласности, се вели во дописот од партијата.
Според СДСМ, двете партии се обврзале да предложат соодветни, подготвени, чесни и способни кадри кои ќе ја реализираат програмата во целост за време на полн четиригодишен мандат.
-Партиските органи, партиските секретари и портпароли веднаш ќе ја известат јавноста за сите нови моменти во преговорите и ги замолуваат јавноста и медиумите да не ги земаат предвид шпекулациите. Учесниците во преговорите се свесни и во целост ја разбираат итноста и потребата за постизборна консолидација на институциите и очекуваат дека во следните денови ќе биде постигнат конечен договор, се вели во дописот од СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа