ВМРО-ДПМНЕ: Покрај становите од половина милион евра Шеќеринска има и вила во Маврово
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска , во анкетниот лист не го навела целиот имот кој го поседува со својот сопруг, бидејќи освен становите кои ги поседува, со својот сопруг изградиле и вила на два спрата со вкупна површина од околу 200 м2 и двор од 347 м2 во Маврово.
- Радмила Шеќеринска не само што се стекнала со 5 станови за само 5 години во вредност од 500.000 евра и тоа веднаш после периодот кога ја извршуваше функцијата потпретседател на Владата на Република Македонија, туку во својот анкетен лист не го навела и целиот имот кој што објективно го поседува и располага заедно со нејзиниот сопруг. Радмила Шеќеринскa и нејзиниoт сопруг заеднички изградиле вила која е на два спрата (приземје и поткровје) со површина од 117 м2 во основа, односно околу 200 м2 вкупна станбена површина и двор од 347 м2 во луксузниот дел на туристичката населба Маврово до самиот ски-центар со поглед на езерото.Во овој дел на Маврово само плацот е во вредност од 100 евра по метар квадратен или само за површината вредноста би била 34700 евра. Земајќи во предвид дека оваа вила е градена со луксузни елементи (како што самите велат) и ако претпоставиме дека цената би била само скромни 600 евра по м2, тогаш лесно доаѓаме до податокот дека оваа вила чини околу 120 000 евра, со што вкупната вредност на овој имот (плацот и куќата) е околу 154700 евра, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека Радмила Шеќеринска и нејзиниот сопруг сами за медиумите изјавиле дека тие ја изградиле оваа вила и дека таа за нив е дома, сопствена куќа и втор дом и дека е градена токму во периодот кога Радмила Шеќеринска беше потпретседател на Владата, во 2003 година.
- Радмила Шеќеринска за оваа викендица во Маврово вели: „Уживаме во неа бидејќи ја гледавме како расте и во секој детаљ внесовме емоции. Овде сме како дома и немаме чувство дека сме некаде појдени”. За оваа викенд куќа магазинот Глобус на 30.12.2008 година пишува: “Првата заедничка Нова година ја прославиле во изнајмена видендичка, а веќе пет години си имаат сопствена куќа која е целосно направена од дрво, па дури и секој нејзин детаљ што се наоѓа внатре. Весникот "Вест" на 13.08.2010 година пишува: “Вест” беше гостин кај Радмила и Бобо во Маврово, нивниот втор дом, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
- Само од досега познатите информации семејството на Радмила Шеќеринска очигледно поседува недвижен имот во вредност од околу 650.000 евра. Ако стои зад анкетниот лист, како што самата кажува, треба да и објасни на јавноста од каде и се и колкави се примањата во семејството Шеќеринска-Јанковски за да може во рекордно време да стекне толкав имот. Овој имот е стекнат за време и непосредно по завршувањето на нејзината функција вицепремиер на Владата на РМ, велат од партијата.