Драган Павловиќ Латас - Дебата

Кај ја најдоа баш Шекеринска да прозива други кој колку имал, колку трошел, и од каде му се парите. Тој што е проектант на планот гарант не е од тука. Пак СеДеСето решило да се ангажира некој од странскиов фактор, и без да анализира и истражи локални услови и амбиент, им прави проект за привлекување внимание, и глумење жртви на системот.

Да ја избереш Рада Шекеринска да прозива други дека трошат повеќе од што заработувале, е почетничка грешка. Работава е, придрж ми го копилево да и кажам на онаа што спонзоруша е.
Прво, Шекеринска само на проводи и гардероба троши колку целата нејзина пратеничка група заедно. Со исклучок на два-три лика од нејзиното блиско партиско опкружување. Кога СДСМ ја преземаше власта, на оној 15 септември, Рада се сликаше покрај шкодата на татко и, со препорака дека е скромна и одмерена, и дека не и се парите мотив за политика.

После, се сменија времињата. Денеска, секоја ташна што ја дефилира е поскапа од онаа шкода крај која се сликаше за да му се препорача на гласачот. Али, јеби га. Парите не и се мотив да се бави со политика. Политиката и е мотив за да дојде брзо до парите. Тоа е.

Имам многу што да кажам на оваа тема за Радмила, функционерката на СДСМ, која ме тужеше од сабајле, а попладне збореше како власта врши притисок врз новинарите... имам да кажам, но овде ќе запрам, затоа што долги години пред да се ме скара, со нејзиниот денешен сопруг бев другар, и пријател. Затоа, Радо и овојпат, и овде, му должиш на Бобо.

А штета што е таква комбинацијата. Вакво напеналување ретко кој политичар од тој формат на функција што ја има се наместил себеси. Ако она треба да му заблагодари на Бобо што се уште ја штедат, на неа треба да и биде благодарен Али Ахмети, чиј настап помина во сенка на нејзиниот блам.

Тоа што поминал во сенка, не значи дека не е виден, и забележан.
Ќе остане нотиран неговиот настап на Алсат во кој шефот на интегративците, се мисли на Али Ахмети..., ладно изјави дека нема да го поддржи Законот за медиуми, со што застана зад својот курир Насер Селмани, од ЗНМ. И дека предлогот на Грците за името Славјанско-албанска Македонија, е оценет како блиску од решение на проблемот. Никогаш не сме биле поблиску до решение од сега, изјави Ахмети.

Па и тоа му беше малку, за да објави ултиматум дека договор со Грците треба да падне за месец-два инаку ако тој не бил прифатен како решение, Ахмети знаел како дополнително да го искомплицира спорот.

Ахмети, во таа прилика, не запозна дека бил во Вашингтон, Брисел и Атина и разговарал за решение за името на македонската држава, ама македонските медиуми злонамерно го игнорирале.
Не разбрав во чие име Ахмети преговарал за македонскиот идентитет. Кој го овластил, кои се рамките на преговорите, и какви обврски притоа преземал кон своите соговорници. Не разбрав, и чекам да ми објасни.

Прибидејќи Ахмети и неговите се прилично лепливи на пари, останува логично да прашам и која е цената на тој негов труд. И кој ќе ја плати, секако.

Ахмети заклучи дека за грчкиот предлог мора да се води јавна дебата, и да се види кој е мнозински став на граѓаните.

Не знам за вас, ама јас Ахмети го сфаќам серизоно. Паметен е, глумец каков ретко се среќавал меѓу нашите политичари, доволно богат да не се плаши за својата иднина. Помеѓу останатото, искуството не научило дека тој е спремен и да пука за наметнување на своите ставови. Како форма на јавна дебата.

Да почнам од тука, јавната двата за грчкиот ултиматум.
Прво, јавна дебата за тоа се води, на сите нивоа, барем седум-осум години. Секоја средба, разговорите помеѓу страните кои преговараат се познати. Дебатираат во МАНУ, професори, политичари, новинари, бизнисмени... и, после се, резултатот е дека повеќе од осумдесет проценти од Македонците не прифаќаат ултиматум од Грците, а речиси сто проценти не прифаќаат било каква промена на Уставот и релативизирање на нацијата и националниот јазик.
Најпосле, Груевски постави линија дека за било какво решение ќе мора да се решава на референдум. Од тоа, појасна дебата, здравје.

Можеби тоа на Али Ахмети не му се допаѓа, ама тоа е.
Јас, поучен од поривот на Ахмети за дебатирање, би отворил јавна дебата за македонското признавање на независноста и државноста на Косово. Таа исклучително битна и чувствителна тема беше затворена со одлука за која немаше јавна дебата. Иако е јавно познато дека барем осумдесет проценти од Македонците беа, и се, против создавање косовска држава.

Најагресивниот притисок врз македонската државност, со децении наназад, доаѓа од албанска страна, и создавањето на втора албанска држава на Балканот е суштинска опасност за Македонија. Па, како загревање за јавната дебата за грчкиот ултиматум, предложена од Ахмети, уптано е да се отвори јавна дебата за признавањето на независно Косово. Секоја одлука е подложна на преиспитување, па и таа.

Како што е подложен на преиспитување и заклучокот на Али Ахмети дека грчкиот предлог за името Славјанско-албанска Македонија е блиску до решение. Никогаш не сме биле поблиску од сега, изјави Ахмети.

Ахмети, и неговите, долго се трудат да бидат преговарачки фактор со Атина, иако немаат мандат за тоа. Се пазарат со Грција за македонскиот национален идентитет зад наш грб. За возврат, во недостаток на реална и европска политика, очекуваат Брисел и Вашингтон и понатаму да ги држат на сила како дел од македонската власт, иако Мендух Тачи без тој дипломатски допинг за Ахмети одамна би му ја земал мерката, и би го тепал на избори.

Ахмети, во емиграција, помеѓу останатото, опстојувал преку врските со југословенската тајна полиција. И ден-денес постојат службени записи за префрлања пари за активности, се до снимање емигрантски пропагандни филмови против Србија, со удабшки пари.

Неговите релации со Атина не се од вчера. Уште од составот на партискиот врв, кога Буџаку беше во првите пет, се тргуваше шеќер низ Грција, во соработка со грчката тајна полиција, а се градеше политика во Македонија.

Пред Грција да го разигра предлогот Славјанско-албанска Македонија, токму тимот на Ахмети, со месеци наназад, самоиницијативно одеше во Атина на преговори, за кои никој не ги овластил, и за кои никој ништо не знае.

Се до сега. Додека не не известија Грците. И Ахмети.
Последниве денови Ахмети сериозно го разниша својот углед кај Македонците, и својот авторитет пред Американците, но и пред Брисел. За нив тој е се помалку употреблив. За Македонците се помалку поднослив.

Наскоро, Брисел и Вашингтон ќе бараат замена за Ахмети. Многу скоро.
Дебатата е отворена. Збор има Али Ахмети...

Драган ПАВЛОВИЌ - Латас за Вечер

03.11.2013 - 23:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега