Есма и Лозано ќе ги посетат нашинците во Шведска

Денеска, во организација на друштвото „Пелистер“ во Трелеборг ќе се одржи традиционалната културна манифестација „Ден на македонската култура“ под покровителство на Македонскиот сојуз во Шведска.

Гости на оваа најмасовна македонска манифестација во Скандинавија ќе бидат македонските претставници на изборот на песната за Евровизија, Есма Реџепеова и Влатко Лозаноски, како и челновите на македонската евровизиска делегација која деновиве пристигна во Малме, објавува МИА.

Во рамки на програмата на Денот на македонската култура во Шведска вообичаено се презентираат културни активности и настапи на фолклорни секции од македонските друштва и клубови.

- Годинава, по подолго време, ќе имаме мошне богата програма, со настапи на поединци и групи од седум друштва, а сосема е разбирливо дека меѓу нашинците владее големо интересирање за овој настан и со оглед на најавеното присуство на македонските евровизиски претставници, вели Ивица Челиковиќ, секретар на Македонскиот сојуз во Шведска.

Гостин во програмата ќе биде и директорот на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, Васил Наумов, кој пред извесно време беше прогласен за почесен член на Македонскиот сојуз.

Претседателството на Македонскиот сојуз во Шведска го додели ова признание за особен придонес во развојот на соработката на Агенцијата за иселеништво на РМ со македонските друштва и клубови и во интензивирањето на контактите на македонската заедница во Шведска со татковината

најчитано сега