Митева: Директорот на ФЗОМ Ахмети е во политичка посета како кадар на ДУИ, државата и нејзиното функционирање се секогаш во втор план
Иако системот на ФЗОМ две недели е крахиран, осигурениците не можат да добијат никаква информација, лекарите не можат да добијат плата, сепак директорот од ДУИ, Фатон Ахмети, е на одмор во САД, тој не е на своето работно место и официјално потврдија од ФЗОМ дека користи годишен одмор, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
-Директорот Ахмети, користи годишен одмор затоа што е во политичка посета, како кадар на ДУИ бидејќи неговата посета не е од позиција на директор, туку лична, и единствениот бенефит е негово политичко надградување. Ова го потврди и самиот тој со тоа што обелодени дека е на лидерска визитинг програма, која се спроведува за политичари, а не за државни функционери. Заради неспособноста на менаџментот на ФЗОМ, од кој дел е и Ахмети, целиот систем на податоци на фондот беше и сеуште е загрозен и е под сериозна опасност, со можност податоците да исчезнат и да треба да се внесуваат рачно со месеци. Епилогот до сега е лекари без плата и голем број закочени процеси.Ковачевски како премиер молчи само заради поддршката на ДУИ, без која тој воопшто нема да биде на таа функција, и затоа е заложник на истите. Фрапантно е што две недели Фатон Ахмети не најде за сходно да го прекине својот политички престој и додека податоците на осигурениците, нивните лични информации и дијагнози се загрозени тој како член на политиката партија ДУИ остана на политички престој. За ДУИ и СДС државата и нејзиното функционирање се секогаш во втор план. Имено, Фатон Ахмети, со ваквата постапка покажува дека за него неговиот политички ангажман во ДУИ е поважен од државната функција, која што ја извршува и за која е платен од граѓаните. Фатон Ахмети исто како и Артан Груби, го стави својот личен интерес пред интересот на граѓаните од чиј пари е платен, истакна Митева.
Ковачевски пак, наместо да молчи и да прави квази реконструкции на владата треба веднаш да го разреши Фатон Ахмети од позицијата директор на ФЗОМ, а доколку не го направи тоа само ќе стави печат на фактот дека е заложник на ДУИ, со чија помош сеуште се држи на власт, додаде таа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа