Адеми: Сообраќајот и домаќинствата го загадуваат воздухот во Скопје

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми денеска за време на отварањето на дводневната ТАИЕХ работилница за квалитет на воздух, оцени дека загадувањето во Скопје не е последица од големите индустриски капацитети, туку доаѓа од домаќинствата и сообраќајот.

- Поголемите загадувачи во кои се сомневавме дека го влошуваат квалитетот на амбиентниот воздух, како Макстил, Скопски легури и други капацитети во кругот на Железара, не работат од 28 ноември. Другите големи капацитети во овој регион ги исполнуваат еколошките стандарди. Клиничкиот центар се грее со гас, како и некои други капацитети кои досега користеа мазут сега се греат на гас. Препорачуваме општините да бидат поактивно вклучени и да подготвуваат планови за справување со вакви ситуации бидејќи се обврзани според закон, рече Адеми.

Министерот упати апел до градоначалниците да бидат поактивно вклучени за надминување на состојбите.

- Доколку сега излеземе на булевар ќе видиме дека во секое возило се вози само возачот, не се користи јавниот превоз и не се пешачи. Ако загадувањето доаѓа од сообраќајот треба да бидеме свесни дека возилата треба да ги користиме што е можно помалку во овој период, да користиме јавен превоз. Ако е од грејната сезона поквалитетни грејни енергенси, да не користиме нафта и мазут, бидејќи имаат штетно влијание врз амбиентниот воздух, рече Адеми.

Доколку во наредните денови не се подобри квалитетот на воздухот, ќе се превземат конкретни мерки. 

Како што најави УХМР претходно, промени може да се очекуваат од средината на наредната недела.

16.12.2013 - 11:53
Фото: 
Влада

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега