Хан: Македонија може да влезе во Јадранско-јонската стратегија ако земјите-членки го дозволат тоа

Комесарот за регионална политика на Европската унија, Јоханес Хан, денеска на прашање на дописникот на МИА од Брисел зошто само Македонија е исклучена од големата макроекономска Јадранско-јонска стратегија за поврзување на земјите од регионот што од 2015 година ќе се остварува со пари на Унијата, одговори дека не е доцна нашата земја да се приклучи, ако земјите-членки го дозволат истото.

Според Хан, четирите земји-членки на ЕУ (Италија, Словенија, Хрватска и Грција) се носители на проектот и ако тие дадат „зелено светло”, тој ќе ја вклучи и Македонија во програмата што Комисијата треба да ја изготви до крајот на идната година.

- Најпрво, Јадранско-јонската иницијатива е макрорегионална стратегија што е создадена на иницијатива на земјите-членки на Европската унија. Второ, таа не е само за инфраструктура, туку проект кој е особено поврзан со крајбрежната област и затоа само одреден број на земји-членки и не-ЕУ земји се вклучени. Иницијативата е на некои земји-членки и ако има промена во однос на нивното мислење, ние сме подготвени тоа да го земеме предвид. Но, од Европската комисија веќе е побарано да презентира драфт за стратегијата до крајот на 2014 година и ова вклучува во моментов добро познати земји-членки од макреорегионалната стратегија, одговори  еврокомесарот Хан.

Сепак, дека Македонија може да се вклучи во оваа стратегија, иако логички не би требало да припаѓа, со оглед на тоа што не излегува ниту на Јадранското море, ниту на Јонското море, покажува фактот што од не-ЕУ земјите, покрај Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, вклучена е и Србија, која исто така не излегува на овие мориња.

Општата цел на новата Стратегија што ќе чини милијарди евра од кои најголемиот дел ќе ги покрие Брисел, е да се промовира економски и социјален просперитет и развој во регионот преку подобрување на неговата атрактивност, конкурентност и поврзување. Стратегијата исто така е предвидено да одигра важна улога во промовирањето на интеграцијата во ЕУ на Западниот Балкан.

Во согласност со заклучоците на Извештајот за евалуација на концептот за макрорегионална стратегија, што беше донесен во јуни оваа година, новата Стратегија ќе има ограничен фокус на областите од взаемен интерес со висока релевантност за Јадранско-јонските земји.

Овој голем проект е предвидено да се изгради на четири тематски столба: водење иновативен поморски и морски раст, поврзување на регионот преку транспорт и енергија, зачувување, заштита и подобрување на квалитетот на животната средина и зголемување на регионалната атрактивноста со акцент на туризмот.

Предвидени се инвестиции и во „Истражувања, иновации и помош на малите и средни претпријатија во развој”, како и изградба на капацитетите”.

Заедно со иницијатива за „Данубе проектот” на поврзување на земјите низ кои минува реката Дунав и проектот „Балтичко море”, Јадранско-јонската иницијатива е еден од трите макрорегионални инициајтиви за поврзување што се дел од програмата за финансирање на ЕУ во периодот 2014-2020 година. Токму за оваа иницијатива кон која се стреми да се приклучи и Македонија, Европскиот совет на Самитот во декември минатата година и даде задача на Европската комисија да изготви програма до крајот на 2014 година, по што со инвестирање од страна на структурните фондови на Унијата, овој проект би започнало да се реализира на почетокот на 2015 година.

Според експертите од Европската комисија, Јадранско-јонската иницијатива е проект што чини повеќе милијарди евра, во рамки на програмите за транснационална соработка кои ги има вкупно 13 на број, но се чека поделба по региони и кога истата ќе биде направена, ќе се дефинира кога ќе се донесе регулатива за географија и бројот на проектите и земјите што ќе бидат опфатени со истите.

Во случајот со Јадранско-јонската иницијатива, многу важен е политичкиот момент, бидејќи е јасно дека на иницијатива на Грција, Македонија се исклучува, додека Србија која исто така не излегува ниту на Јадранското, ниту на Јонското море - е вклучена!

Идејата на еврокомесарот за регионална политика, Јоханес Хан е да има за секој од регионите стратегија и таквото дефенирање на приоритетите да се совпадне со парите предвидено за регионална помош на ЕУ, па оттука се извлекува долгорочна стратегија за соработка на сите земји во рамки на макро-регион признат од страна на Унијата и со пари што ќе се фокусираат на реализирање на приоритетите од стратегијата. Токму затоа, ако Македонија е оставен надвор од стратегиите, тогаш нема да биде поврзана ниту со големите пари од касата на Брисел (освен со Инстриментот за предпристапна помош-ИПА 2).

Дека во рамки на макро-проектите за поврзување на земјите има повеќе исклучоци е податокоте дека во т.н. Данубе-иницијатива, каде треба да се најдат земјите што имаат сливно подрачје, односно каде што минува Дунав, во моментов е вклучена и Црна Гора, иако оваа земја нема дунавски слив.

За тоа дека Грција има намера да ја отстрани Македонија од големите проекти на ЕУ, говори и податокот дека на иницијатица на Грците, нашата земја е вклучена во микро-програма за мини-поврзување на Грција-Бугарија-Албанија и Македонија, при што ќе зависи од парите би ги инвестирале Грција и Бугарија како земји-членки на ЕУ, а дел би требале да инвестираат и Македонија и Албанија.

Официјално барање за Македонија да влезе во Јадранско-јонската иницијатива, не многу одамна и официјално има испратено македонскиот премиер Никола Груевски, додека минатата недела, вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, тоа директно го побара од амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и од високите преставници на Унијата при неговата посета на Брисел. 

16.12.2013 - 14:07
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега