Улицата „Дебарца“ готова до крајот на мај
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во градежните активности за реконструкција на улицата „Дебарца“, каде се работи со засилена динамика.
Во оваа фаза се врши гребење на старата и дотраена асфалтна подлога во должина од 240 метри, по што ќе следи поставување на нов асфалт. Завршена е и реконструкцијата на тротоарот со поставување нов бекатон, на површина од 900 квадратни метри, а поставени се и нови рабници од двете страни на улицата.
„Во моментов сме на терен, каде интензивно се изведува реконструкција на улицата ,,Дебарца”. Очекуваме работите целосно да завршат до крајот на месецот, согласно планираната динамика", порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Aктивностите се дел од пошироката реконструкција на улицата „Дебарца“, на потегот од улицата „Ленинова“ до студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“. Станува збор за целосна санација на коловозната површина од 1.700 квадратни метри.
Овој дел од улицата беше во многу лоша состојба, со сериозни оштетувања кои го отежнуваа нормалното одвивање на сообраќајот.
,,Со реконструкцијата, ја подобруваме безбедноста и условите за движење, но даваме и нов, поуреден изглед на просторот“, посочи Герасимовски.
Оваа интервенција се реализира во рамки на инвестиција вредна 40 милиони денари, обезбедена од претходната Влада, со намена за обнова на улиците „Светозар Марковиќ“ и „Дебарца“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа