Македонија има многу сонце но не го користи

Субвенционирањето на сончевите колектори за добивање топлинска енергија да биде континуирано, а не еднаш годишно, сугерираат експертите. Така, според нив, ќе се стимулира користењето на соларното зрачање, а тоа ќе ја намали потрошувачката на струја.

На денешната расправа во Стопанската комора беше потенцирано дека мора уште многу да се работи на подигање на свеста за бенефитот од соларната енергија.

- Македонија користи минимум сончево зрачаење за добивање топлинска енергија иако спаѓа во земјите со исклучително поволни услови, најдобри во регионот. Годишно имаме 1.450 до 1.700 киловат часови на метар квадратен соларна енергија, но, свесноста за нејзина употреба е многу ниска, рече проф. д-р Илија Насов, претседател на Соларната асоцијација на Македонија.

Австрија и Германија, истакна Насов, имаат многу помалку сончево зрачење, но десетици пати поголема искористеност.

Според него, едуциран кадар имаме, архитекти, проектанти, градежни работници, инсталатери, но соработката меѓу нив треба да се интензивира. Нужно е и банките да обезбедат поволни кредити.

- Особено е битно потенцијалните вложувачи да знаат дека инвестицијата во сончевите колектори за топлинска енергија ќе им се врати за максимум четири до пет години, посочи професорот.

Директорот на Агенцијата за енергетика Лазар Гечевски укажа на потребата од максимално искористување на покривите и фасадите.

- Сончевата енергија за нашата држава е благодет. Македонија е втора земја во светот по Калифорнија со најквалитетeн пик и тоа треба да се искористи независно дали за топлинска или за електрична енергија, истакна Гечевски.

Одговорајќи на новинарски прашања, Гечевски рече дека со новата владина уредба која ја намали цената на струјата добиена од обновливи извори, повратот на инвестицијата во колектори, наместо 5 до 6 години се зголеми на 7 до 8.

ФОТО: Денешен