Анчелоти: Уште само еден чекор не дели до тронот!

Италијанскиот стратег на клупата на Реал Мадрид, Карло Анчелоти по вчерашниот триумф над Баерн Минхен, изјави дека неговите фудбалери покажале зрелост и квалитет на теренот и дека по 12 години сега се најблиску до европскиот трон. 

Реал во реванш-полуфиналниот дуел победи со 4:0 и со вкупните 5:0 обезбеди финале во Лигата на шампионите.

- Им честитам на сите фудбалери за големата победа. Покажавме дека кога играме сите за тимот, кога соработката е на ниво, дека можеме да победиме било кого. Бевме перфектни и заслужено стигнавме на чекор до целта која ја поставивме пред почетокот на сезоната, а тоа е триумф во Лигата на шампионите. По 12 години Реал стигнува до финале и останува уште да го направиме последниот чекор, изјави Анчелоти.

Италијанецот изјави дека сега неговите фудбалери ќе мора да одиграат за нивниот колега Чаби Алонсо кој ќе биде изоставен од тимот во финалниот меч поради жолтите картони. 

- Алонсо е многу тажен, сочувствувам со него. Сега е поважно од се да победиме и за нас и за него, рече италијанскиот стручњак.

За разлика од Анчелоти, тренерот на баварската екипа Пеп Гвардиола рече дека е разочаран од изданието на неговите избраници.

- Со таква игра не се стигнува во финале. На гостувањето имавме поголема контрола на играта и повеќе шанси. Тажни сме поради ваквата разврска, изгубивме со преголема разлика, рече предводникот на Баерн.

30.04.2014 - 13:38

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега