Директна авиолинија Скопје - Рим - ќе ги видиме убавините на Италија

Италијанската авиокомпанија „Алиталија“ од денеска ќе сообраќа на директната авионска линија Скопје - Рим. Летовите ќе се одвиваат секој ден од главниот римски аеродром „Фијумичино" до „Александар Велики" во Скопје, со авиони ембраер Е-175.

Во мај ќе се работи со редуциран распоред со 30 повратни лета Рим - Скопје - Рим, а од јуни целосен распоред со секојдневно летање. Од 1 јуни од Скопје авионите на „Алиталија" ќе полетуваат во 5 часот и 30 минути со пристигање на „Фијумичино" во 7 часот и 20 минути (во понеделник, вторник, петок и во сабота), како и во 17 часот и 5 минути со пристигање во Рим во 18 часот и 55 минути (во вторник, среда и во сабота), пренесе МИА.

Летовите од Рим ќе бидат во 21 часот и 30 минути со пристигање во Скопје во 23 часот и 20 минути (во понеделник, четврток, петок и во недела) и во 14 часот и 35 минути со пристигање во Скопје во 16 часот и 25 минути (во вторник, среда и во сабота).

„Алиталија" го назначи „ВАС туроператор“ од Скопје како генерален агент за територијата на Македонија.

06.05.2014 - 09:34

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа