Македонската делегација се поклони на гробот на свети Кирил

Македонската државна и црковна делегација предводена од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, која престојува во Рим по повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, денеска во Ватикан беше примена од поглаварот на Римокатоличката црква Франциско.

Ова е прва средба на македонска делегација со папата Франциско, по неговиот избор за нов римокатолички поглавар во март оваа година.

 

Претходно во базиликата Сан Клементе митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар одржа молебен во чест на Свети Кирил, а македонската делегација и многу граѓани кои живеат или престојуваат во Италија се поклонија пред неговите мошти, јави известувачот на МИА. 

 

Претседателот на Собранието по тет-а-тет средбата, рече дека папата Франциско посочил оти Македонија има многу дадено за христијанството. Вељаноски го поканил да ја посети Македонија и целиот регион.

 

- Со неговата посета ќе даде еден дополнителен стимул за сите случувања во регионот, изјави претседателот на Парламентот, кој го информирал поглаварот за неодамншената трета меѓурелигиска конференција што се одржа во Скопје.

 

- Водењето на дијалогот и за него значи многу, затоа што и самиот кажа дека проблемите кои постојат во Европа и во светот може да се решат низ дијалог меѓу граѓаните, религиите, политичарите, изјави првиот парламентарец.

 

Поглаварот на Римокатолицката црква Франциск на подарок од македонската делегација денеска доби розета во ципкаста резба, цветен мотив на конзервирано ореово дрво и претставува симбол на насата традиција стара 1200 години.

 

Државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Тарчисио Бертоне, кој исто така се сретна со Вељаноски и со македонската делегација, истакнал дека Македонија има многу направено за припадниците на сите верски заедници, вклучувајќи ги и католичките верници.   

 

Владиката Петар, кој чиноначалствуваше со молебенот на гробот на Свети Кирил, посочи на заветот што ни го оставиле светите браќа.

 

- Да се застапуваме за правдата и да се застапуваме за вистината по цена на нашите животи.  Да се бориме против тријазичништвото, против секаква  дискриминација, особено против асимилацијата и негирањето на посебноста на народите и луѓето, односно нивниот јазик, етнос, нација и идентитет, култура, црква..., рече митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар. - Да ги решаваме проблемите и недоразбирањата со дијалог, љубов и толерација, продолжи тој, а не со омраза, со завист, со одмазда и злоба. - Во духот на велигденските празници да се возљубиме еден со друг и да им речеме браќа на оние што не мразат, да простиме се заради воскресението, истакна владиката Петар.

 

- Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви? Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде или завидлив па тоа да не го сака?

 

Со овие зборови Константин филозоф, подоцна прославен со калуѓерското име Кирил, во 9. век го бранел словенскиот јазик пред т.н. тријазичници кои тврделе дека само латинскиот и грчкиот и еврејскиот се свети јазици со кои може да се богослужи. Го обвинувале за ерес зашто го вовел словенскиот јазик меѓу привилегираните, кои тој статус го заслужиле зашто биле испишани на крстот на Исус.

 

Поклонението на гробот на Свети Кирил во Рим е централниот настан во чествувањето на Денот на просветителите Кирил и Методиј. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 Мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.

 

Годинава се одбележуваат 1144. години од смртта на сесловенскиот просветител Свети Кирил.

Во рамките на манифестација „Македонија во чест на свети Кирил" која завршува вечер, актерот Петар Темелковски ќе ја изведе монодрамата „Јустинијан I“, по текст на Јордан Плевнеш.
 
Во состав на македонската делегација која присуствува на манифестацијата се и заменик-министерот за надворешни работи Зоран Петров, заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, потпретседателката на Собранието Сузана Салиу и пратениците Александар Спасеновски и Андреј Петров, митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар и свештениците од Скопската бискупија на Католичката црква, свештеникот Зоран Стојанов и Марјан Ристовски. 

МИА

најчитано сега