Полициската „Канџа“ удри по обложувалниците - голема акција на МВР и УЈП во Тетово и Гостивар

Вчера, во период од 18:25 до 21:45 часот, тимови составени од претставници од МВР и УЈП, продолжија со постапување во рамки на акцијата „Канца“ и  извршија акциска контрола во 17 објекти, од кои 12 на подрачјето на Тетово (Германија, Типико, Журнал и повеќе обложувалници без име) и пет на подрачјето на Гостивар (Еуро Шанса, Германија и неколку други без име), поради сомненија зе незаконско организирање игри на среќа.

За реализирање на акцијата биле ангажирани поголем број на полициски службеници од различни организациони единици, како и службени лица од Управата за јавни приходи.

Целта на спроведената акциска контрола, информираат од МВР, е откривање на лица кои вршат дејност од Законот за игри на среќа и за забавните игри без лиценци, како и откривање на други кривични дела и прекршоци.

-Од преземените дејствија беше утврдено дека контролираните објекти во Тетово и Гостивар работат незаконски, односно не поседуваат лиценци за работа. Во 13 објекти од страна на УЈП се констатирани 12 кривични дела по чл.156, осум прекршоци по чл.158 и два прекршока по чл.151 од Законот за игри на среќа и за забавните игри. На сите каде беа констатирани неправилности им беа издадени решенија за забрана на вршење на дејност. Во акцијата легитимирани се 47 лица,  приведено е едно лице заради утврдување на идентитет, а еден малолетник е предаден во СВР Тетово. Во рамките на контролата беа одземени 114.875 денари и 230 евра, 37 телевизори, 27 монитори, 21 компјутер, 21 печатачи, 10 апарати за игри на среќа, седум куќишта за компјутер, три процесори, два ресивери, две покер маси и еден читач, стои во соопштението од полицијата.

Контролите биле успешно реализирани, без посериозни инциденти, освен во еден случај каде при контрола на објект во село Речица дошло до собирање на група од околу 20 граѓани кои насилно ги истуркале членовите на тимот надвор од објектот поради што контролата не била целосно спроведена. Имено, во спортска обложувалница без име на фирма, сопственост на Н.А.(1956) од тетовското село М.Речица, додека службени лица на УЈП составувале Записник за констатирана состојба, во објектот влегле повеќе лица, кои почнале да им се закануваат, а притоа на инспекторот насилно му бил одземен Записникот и другите документи, при што биле расфрлани на подот. Во исто време, на улицата која оди до објектот била поставена блокада со паркирање на автомобили „Пасат“ и „БМВ“, а се собрале и поголема група граѓани. По кратко време, од страна на полициски службеници блокадата е отстранета и лицата се разотишле. Во консултација со јавен обвинител, по целосно документирање на случајот, против лицата ќе биде поднесена содветна пријава во редовна постапка.

-Вчерашната контрола беше продолжение на февруарската акција „Канџа“ во која кај 12 спортски обложувалници од страна на УЈП се констатирани прекршоци по чл.158 и кривични дела по чл.156 од Законот за игри на среќа и за забавните игри, а исто така беа издадени решенија за забрана на вршење на дејност. Тогаш беа легитимирани 122 лица, а при легитимирањето пронајдени се две лица по кои се трагало по распишана потерница. Одземени беа 263.453 денари и 440 евра, 55 телевизори и други апарати кои служеле за приредување игри на среќа, стои во полициското соопштение.

17.05.2014 - 14:13
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега