Котески: НАТО, ЕУ и регионалната соработка приоритет на АРМ

Република Македонија продолжува со партиципацијата и во пост-ИСАФ мисијата во Авганистан, но и со учество во борбените групи на безбедносните сили на Европската унија, како и во организација на специјални оперативни единици за реакција при кризи во рамки на Балканот.

Ова, како што јавува дописникот на МИА во Брисел, вчера и денеска со своите колеги во седиштето на НАТО во европската престолнина го договара началникот на Генералштабот на Република Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески.

Во изјава за МИА, Котески потврди дека денеска ќе се одржи состанокот на Воениот комитет на НАТО на кој ќе се расправа за две суштински прашања што се од значење како за Алијансата, така и за АРМ, а се однесуваат во делот на оперативниот план за повлекување на силите од Мисијата ИСАФ во Авганистан и за продолжување на мисијата „Одлучна поддршка” што започнува од 1 јануари 2015 година.

- Ние веќе се деклариравме дека продолжуваме со мисијата во Авганистан, но засега не знаеме која ќе биде силината на силите со кои ќе учествуваме и партнерот, што призлегува од непознаниците кои се однесуваат на делот од потпишувањето на билатералнито договор меѓу САД и Авганистан и од вториот услов што се однесува на делот на потпишување на договорот за ангажирање на силите и нивниот статус во оваа земја, меѓу НАТО и Авганистан. Тоа се очекува да се случи по вториот круг на избори во Авганистан, односно по јуни, вели за МИА генерал-потполковник Котески.

Според началникот Котески, Република Македонија, особено Генералштабот на АРМ, веќе има подготвено оперативен план за повлекување на силите од Авганистан до крајот на годинава, но и подготвено сили што евентуално би учествувале во понатамошната мисија идната година.

Тој додава дека покрај ова, во моментот чувствително и важно прашање за НАТО и нашата армија, а што синоќа се разговарало, е поддршката од нашата земја за концептот на европската одбрана и безбедност, кој е посветен на безбедноста на Европа и изградбата на силите што треба да се одговорни на европските сили.

Земјите-членки на ЕУ, но и земјите што не се членки на Унијата, формираат свои единици што ќе се грижат за безбедноста на „стариот континент”, односно во одредени кризни подрачја во радиус од 6.000 километри од седиштето во Брисел.

- Меѓу сите нив е и Македонија. Имавме можност досега да бидеме една од земјите кои учествуваа во формирањето и самата борбена група на ЕУ. Се однесува на нашето учество во борбената група предводена од СР Германија во втората половина на 2012 година. На синоќешниот прием кај претседавачот на комитетот во НАТО, разговаравме со колегите што партиципираат во борбената група предводена од Белгија, каде ние учествуваме со една чета од 150 војници. Во оваа група, покрај Белгија е Луксембург, Шпанија, Холандија и Германија. Во рамки на оваа борбена група, ние веќе имавме оценување на борбената група во Македонија пред 10 дена, кое заврши успешно во рамки на највисокото „Ниво два”. Во тој поглед, на 2 јуни, нашата група ќе има заедничка вежба со останатите во Кралството Белгија, додава генерал-потполковник Котески.

Во рамки на средбите со останатите началници на ГШ на армиите во рамки на НАТО и ЕУ во Брисел, Котески потврди дека синоќа остварил средби и со своите колеги од Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и останатите од регионот, каде разговарале за остварување на поблиска соработка меѓу армиите со цел надминување на кризни ситуации каква што е сегашната со природните катастрофи со поплавите на Балканот.

- Не е само стратегиската цел членството и интеграцијата во евро-атлантските структури приоритет на Армијата на Република Македонија, туку и придонесување во поблиска соработка во регионални рамки. Со колегите договоривме формирање здружени оперативни единици од сите земји на Балканот, кои во вонредни ситуации, каква што несомнено е оваа со поплавите, да можат брзо и експресно да реагираат и да се фатат во костец со проблемот. Веќе постојат балкански медицински единици, формирани токму на идеја на АРМ, а новите сили би биле за делување во кризни моменти, како пожари, земјотреси, поплави и слично. Моите колеги началници на чело на ГШ на армиите во соседните земји, наскоро ќе ги достават своите планови до своите Влади и очекуваме нивно експресно усвојување со цел единиците набрзо да бидат подготвени и ставени на располагање и во случај на некаква идна непогода, само со одлука на началникот на ГШ на армијата, тие би можеле итно да бидат испратени напомош на некоја од земјите во соседството. Тоа ќе придонесе за дополнителна стабилност на Балканот, дециден е Котески.

Според началникот на ГШ на АРМ, Македонија, како мала земја, не може само и единствено да биде определена кон една организација или меѓународна институција, како на НАТО, на пример.

- Ние мораме да бидеме сестрани и да се ориентираме и да ги поддржуваме и силите за европска безбедност на Европската унија, но и регионално да се организираме и соработуваме со соседите со цел поголема безбедност на регионот, завршува генерал-потполковник Котески.

21.05.2014 - 10:04
Фото: 
Денешен
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега