Фалсификувале платежни картични - еве што правеле итри струмичани

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против 30-годишниот Р.М. и 33-годишниот А.Д. и двајцата од Струмица за „изработка и употреба на лажна платежна картичка“ и „помагање“.

Како што информира денеска МВР, Р.М. со намера да се стекне со противправна имотна корист во периодот од 2008 до 2012 година прибавил на интернет банкарски податоци од вистински платежни картички, вкупно 14.825 броеви од платежни картички. Изработил една лажна платежна картичка на тој начин што на задната магнетна лента од оригинална платежна картичка, издадена од банка од Република Македонија,  вметнал банкарски податоци од вистинска платежна картичка. Првопријавениот податоците од носители на вистински платежни картички ги препродавал преку интернет за што добивал одредена парична надомест.

 

Второпријавениот А.Д. му помагал на Р.М. така што со негова дозвола примал парични средства кои потекнувале од продадените платежни картички, кои потоа ги подигал и му ги предавал на првопријавениот за што добивал одредена парична надомест.

 

По претходно издадена наредба од Основниот суд Струмица извршен е претрес во домот на првопријавениот каде пронајдени и одзмени се компјутерска опрема (еден лап-топ, едно куќиште од персонален компјутер, еден внатрешен хард-диск, едно УСБ, платежни картички...) По добиеното вештачење на компјутерската опрема и извршената анализа, утврдено е дека Р.М. на магнетната лента на оригинална платежна картичка од банка во Република Македонија на име неговиот татко, ги променувал податоците и нанесувал податоци од лица странски дрежавјани и нивните вистински банкарски податоци.

 

Во лап-топот, куќиштето од персоналниот компјутер, внатрешниот хард-диск и УСБ-то, пронајдени се 14.825 броеви од платежни картички, податоци за сопстсвеници на е-мајлови, податоци за сопственици на електронски сметки, називи на банки, целосни податоци од магнетната лента на платежната картичка (име и презиме, датум на важење и други податоци поврзани со банкарските сметки).

Утврдено е дека од сервисите за брз трансфер на пари „Western Union“,„DMTH- MoneyGram“ и „Унија Финансиска“, Р.М. и А.Д. во периодот од 2008 до 2012 година ја користеле оваа услуга за да ги добијат паричните средства за продадените податоци од платежни картички на лицата на кои им ги продавале од различни земји (Бугарија, Русија, Украина, САД, Грција, Словенија, Романија). Испраќале парични средства на оние лица од кои Р.М. купувал податоци од платежни картички, при што првопријавениот примил 2.679 евра, 1.150 американски долари, а извршил испорака на 1.566 американски долари, додека второпријавениот А.Д. примил 1.905 евра.

01.06.2014 - 13:24
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега