Предлог ребаланс на Буџетот во Собрание веројатно во текот на јуни, најави Бесими

Во текот на јуни, веројатно пред Собранието ќе се најде предлог на ребалансот на Буџетот, рече министерот за финансии фатмир Бесими вечерва во гостување на ТВ 24. 

-Главно ребалансот се однесува на тоа што веќе ние го имавме како ризик во контекст кај нас, динамиката на пандемијата и вакцинирањето, и со оглед на тоа дека имавме потреба дополнително да се продолжи со фискалната поддршка во економијата, така и потребите во здравство за вакцини и друго, значи од тие апсекти во главно и некои институции што имаа потреба во овој период се укажа потреба дополнително да се заокружат проектите. Тоа е причината за овој ребаланс, наведе Бесими. 

Веќе ја издадовме, како што рече, еврообврзницата и во јули ќе се вратат 500 милиони евра од 2014 година со каматна стапка заради економските услови во тој период повисока од оваа што сега успеавме да ја постигнеме.

-Значи ќе има една заштеда скоро за седумгодишен период од 80 милиони евра само по тој основ. Во однос на тоа што сега се планира, денеска добивме од ЕУ втора транша од 80 милиони евра буџетска поддршка, во разговори сме тоа што беше најавено од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за 157 милиони евра да бидат дополнителна буџетска поддршка, така што тоа ќе бидат дополнителни средства, појасни Бесими.

Според него, досега не се разговарало за данок на финансиски трансакции како што имаше информации во јавноста, а Буџетот е во добра кондиција.

-Од она што го гледаме сега, приходите, реализацијата на Буџетот е во добра кондиција  во споредба со истиот период лани, така што во овој период сите проекции ни се врз основа на постојниот даночен систем, наведе Бесими.

Тој повтори дека оптимизмот за најавениот економски раст од пет проценти го темели на четири столбови, односно, како што рече, закрепнување на економијата и поддршка во време на криза, одржливост во смисла на инфрастуктура и макроекономска стабилност, зајакнување на подготвеноста на приватниот сектор да биде конкурентен, како и зајакнување на човечкиот капитал. Тука, прецизираше, влегува и одржливиот раст за животна средина, дигитализацијата и други проекти, деловната клима. Но, ова, како што рече, е од аспект на реформите. Првата компонента, додаде, е на растот што го поставивме, втората е дека треба повеќе раст, повеќе инвестиции и отворање нови работни места и, како што посочи, во услови кога имаме ваква ситуација на фискален простор, се наметнува потребата на фискална консолидација во услови на еден план на инвестиции во јавниот сектор. 

– Ако гледаме на расходната страна ако сега на пример 2020, 29,6 проценти беа бруто инвестициите, со овој план се предвидува тие да достигнат 36,2 проценти од БДП, значи, до 2026 постепено да се зголемува. Динамиката на раст на БДП да достигне во 2025 година 5,9, па потоа 5,7 во 2026, во просек да биде од 2,5 на 5 проценти. Ова подразбира со поддршката што ќе биде не само преку субвенции, туку тоа да биде и од буџетски програми, и преку институциите како што се Развојната банка, ФИТР и тоа што го спомнав во однос на планот за забрзување на раст за мултипликативниот ефект покрај државните средства, рече Бесими. 

01.06.2021 - 20:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега