Пресврт во случајот „Вања и Панче“: Уапсен вработен од Народна банка
Денеска е уапсен З.Д., вработен во Народната банка на Северна Македонија, по сведочењето на Велибор Манев, еден од обвинетите за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Манев пред судот изјави дека токму З.Д. е лицето кое, по налог на Љупчо Палевски, го уништило оружјето за кое се сомнева дека е употребено во двата монструозни злосторства.
Обвинителството ја потврди информацијата за апсењето и најави дека се преземаат дополнителни истражни дејствија. Апсењето следи по деталното сведочење на Манев, кој тврди дека бил изманипулиран од Палевски. Откако Палевски го нарекол лажго, Манев одлучил целосно да проговори.
„Бидејќи сака да ме набеди дека јас сум убиецот, ќе кажам сè. Лично тој [Палевски] ми се јави од турската граница и ми рече да му се јавам на З.Д. од Народна банка, член на партијата „Десна“, за да го отстрани „пакетот“ – ранецот со оружје и мотороли“, изјави Манев пред судот.
Тој додаде дека ја исполнил наредбата и го известил Палевски дека пораката е пренесена. Според Манев, сето тоа било снимено на камери, а тој себеси се нарече „голема будала која си го уништила животот“.
„Пакетот“, како што го нарекувал Палевски, бил ранецот со пиштолот за кој Обвинителството тврди дека бил употребен за егзекуцијата на Панче и Вања. Манев инсистира дека Палевски му ветил дека ќе биде само киднапирање за откуп, а не убиство.
Со ова ново апсење, истрагата за двојното убиство добива нов правец. Обвинителството најавува проширување на обвинувањата кон лица кои се осомничени дека помогнале во прикривање на доказите.
Овој драматичен пресврт во случајот ја засилува надежта за целосно расветлување на сите околности околу монструозните злосторства.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа