Ракот на тестисите најчесто ги погодува луѓето меѓу 15 и 35 години

Април е месец на подигањето на свеста за рак на тестисите, со посебна нагласка на едукацијата за симптомите и техниките на самопреглед, бидејќи со рано откривање, ракот на тестисите може да се излечи во 95 отсто од случаите.

Иако сочинува само еден насто од сите тумори кај мажот, ракот на тестисите е најчестиот облик на канцер којшто ги погодува мажите на возраст меѓу 15 и 35 години. Истражувањата покажуваат дека последниве години инциденцата се зголемува и е двојно поголема за последните 40 години, објави порталот „Кликс“.

Зголеменото влијание на болеста врз животот на пациентите и текот на лекување се причините поради коишто на оваа тема треба да ѝ се даде поголемо значење, сметаат лекарите.

Што е рак на тестисите?

Брзорастечки тумор што се одликува со промени кај тестисот зафатен од болеста.

Според новите податоци, најголем број од новодијагностицираните случаи се во возрасната група 30 – 34 години. Во повеќето случаи, причината за појава на болеста е непозната. Постојат фактори на опасност, но кај многу од дијагностицираните ги нема тие влијанија. Голема е веројатноста, сепак, болеста да се појави ако пациентот има семејна историја на рак, или пак, тн. неспуштен тестис при раѓањето.

Најчести знаци на рак на тестисите се промени во големината или обликот на заболениот тестис, како и тегоби или непријатност во скротумот.

А пак, најлесниот начин за рано откривање, покрај болничкиот преглед, е редовниот самопреглед. Се препорачува мажот редовно да си ги проверува тестисите – барем еднаш месечно, по можност при туширање, кога кожата е опуштена, па промените најдобро се чувствуваат со допир. Во тој случај палпацијата, т.е. проверката со допирање, најбрзо би посочила можни грутки кај тестисите, промени во големината или какви било други неправилности.  

 

02.04.2024 - 18:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега