СДА со ново раководство и нова коалиција

Џелал Хоџиќ е нов претседател на Странка на демократска акција. Како што соопшти партијата, на локалните избори ќе коалицираат со владејачката СДСМ.

-Ние, како ново раководство, чувствуваме голема одговорност да ја поведеме СДА, како најважна политичка партија на Бошњаците во Република Северна Македонија, низ политичките процеси, во нови политички битки и нови политички победи. Новото раководство, преку СДА, има за цел да донесе нов квалитет и свежина на политичката сцена во нашата држава. Ќе го подигнеме нивото на комуникација со јавноста, со политичките партнери, но и со политичките противници. Членството во НАТО на Република Северна Македонија, остварено преку Преспанскиот договор ќе го вреднуваме како стратешки интерес на државата, а патот кон ЕУ како голема обврска кон сегашните и идните генерации. Сметаме дека процесите на демократизација во нашето општество создаваат можност за фер политички натпревар во идеите за развој на државата и подобар живот на сите граѓани, без разлика на етничката и верската припадност, велат од партијата.

СДА, како што соопштуваат оттаму, ќе продолжи да се залага за реализација на правата на бошњачката заедница.

-Сакаме јавно да испратиме порака, дека сме задоволни од рамката на Уставот и законите во државата,но нашето делување ќе биде насочено кон подобрувањето на реализација на нашите права во пракса. Наша појдовна точка е: Република Северна Македонија е држава на сите нејзини граѓани! Политички партнерства ќе градиме со прогресивните политички сили, а наши политички опоненти ќе бидат популистите и оние кои земаат примери од авторитарните режими, велат од партијата.

СДА ќе ја поддржи, како што велат, најдобрата понуда за сите граѓани.

-Посебно ќе се вклучиме со поддршка во оние места каде што живеат Бошњаците. Врз основа на сработеното во изминатите четири години за бошњачката заедница, новото раководство на СДА нема дилема дека треба да коалицира со СДСМ и политиката на премиерот Зоран Заев. Новата коалиција помеѓу СДА и СДСМ претставува позитивен пресврт, кој ќе донесе добро за Бошњаците, но и за сите граѓани на Република Северна Македонија. Убедени сме дека ова е чекор напред за бошњачката заедница, но и голем чекор напред и за СДА и за СДСМ. Новото политичко партнерство претставува и зголемување на коалицијата која носи прогресивни политики, што секако е добро за сите граѓани, велат од СДА.

31.08.2021 - 18:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега