СДСМ: Над 324.000 граѓани добиваат домашни платежни картички, 28 милиони евра за зајакнување на приватната потрошувачка

Како дел од третиот сет економски мерки подготвен од Владата предводена од СДСМ со цел потик на домашната потрошувачка и подршка на домашното производство и услуги е домашната платежна картичка која ќе опфати 324.479 корисници, велат од партијата.

Според СДСМ, за оваа мерка Владата обезбедува 28 милиони евра, средства со кои се поттикнува  економската активност и придонесува  за ревитализирање на македонската економија во услови на КОВИД-19.

-Корисници на оваа картичка се граѓани со низок доход, приматели на социјална помош и невработени евидентирани како активни баратели на работа во Агенцијата за вработување до 22 мај 2020, кои оствариле нето-доход до 60.000 денари во период јануари-април 2020 согласно евиденцијата на УЈП. Овие лица еднократно ќе добијат 9.000 денари на платежната картичка. Потоа, вработени со низок доход, кои за периодот јануари- април  2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето-износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време . Тие ќе добијат 3.000 денари еднократно, велат од СДСМ.

Домашна картичка во вредност од 3.000 денари добиваат и млади лица со наполнети 16 години и не постари од 29 години кои се активни учесници во државното формално средно образование и високото додипломско образование.

-Домашна картичка ќе добијат и над 4.300 здравствени работници ангажирани во справување со КОВИД-19, со износ од  40 отсто од последната основна нето-плата. Добивањето на картичките е едноставно, без постапки за аплицирање , односно системски. Граѓаните ќе можат да проверат дали се во системот со внесување на матичниот број на веб страната kupuvamdomasno.gov.mk, каде е назначено и од која банка ќе можат да ги добијат. Банките започнуваат со издавање на картичките уште оваа недела, а најдоцна треба да бидат издадени до 18 јули, а искористени најдоцна до 15 август, се вели во соопштението.

Според СДСМ, на овој начин сите придонесуваат да се зачуваат што повеќе  работни  места, да се спречи затворањето на компании, да се помогне што полесно и подобро да се справиме со кризата која ни ја донесе Ковид 19.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.06.2020 - 19:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега