Шутаров: Скопската зоолошка е претворена во кланица

Гордан Шутаров, советник во Советот на Град Скопје од СДСМ, го обвини ВМРО-ДПМНЕ поради инцидентот кој се случил во скопската Зоолошка градина.

„Масакарот на десетици животни во скопската Зоолошка градина е последниот доказ за тоа што се случува со јавните претпријатија и установи кога се раководени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

На најсвиреп, најбрутален начин убивани се животни во Зоолошката градина, институција која освен рекреативна има и едукативно – воспитна функција.

Со свирепото колење на животни во Зоолошка градина, директорот поставен од Мицкоски и Данела Арсовска прекршил четири закони и за тоа треба кривично да одговара.

За само осум месеци, Кристијан Стаменов е четвртиот директор кој е разрешен од страна на новата градска администрација и трет кој е на предлог на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Шутаров.

ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска за оваа година сериозно го намалија Буџетот на Зоолошката градина за нејзиното нормално функционирање, обвини советникот на СДСМ.

„Во буџетот на Град Скопје за 2021 година беа исплатени околу седум милиони денари, додека за оваа година,2022 за Зоолошката градина се предвидени само 2.5 милиони денари.

Дали уште при креирање на буџетот Градот предвидел Зоолошка да стане кланица и недостатокот на средства за нормалното функционирање да го компензира преку колење животни внатре во градината?

Дали во последните месеци и претходно имало вакви случаи и инциденти?

Овој скандал е уште еден показател за неспособноста на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ да раководат со градот и инситуциите под негова надлежност.

Арсовска и кадрите на ВМРО-ДПМНЕ се најголемото разочарување за Скопје и неговите граѓани“, кажа советникот.

15.07.2022 - 17:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега