Талески: ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи Договорот со Фронтекс во Собрание

 

Договорот со Фронтекс што нашата држава го потпиша на официјален македонски јазик е голем успех за македонската држава и дипломатија. Со тоа пропаднаа во вода сите лаги и хистерии што опозицијата, а пред се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица ги ширеа овде во Собранието, но и надвор од него. Паднаа во вода лагите дека македонскиот јазик ќе бил загрозен, немало да биде признаен од ЕУ дека ќе се именувал како бугарски дијалект, изјави на денешната прес-конференција, Миле Талески, пратеник на СДСМ.

Тој наведе дека поминаа повеќе од шест месеци од потпишувањето на Договорот со Фронтекс, а ВМРО-ДПММНЕ и Левица не собраа храброст да се извинат за тоа што грубо ја лажеа јавноста. Денеска, пред нас пратениците на дневен ред е ратификацијата на Договорот со Фронтекс. Кога веќе ја испуштија приликата да им се извинат на граѓаните за сите лаги околу македонскиот јазик и идентитет, пратениците имаат шанса денеска тоа да го сторат преку гласање ЗА ратификација на Договорот.

Договорот со Фронтекс е еден од најсилните докази дека македонскиот јазик е признаен од ЕУ и тоа со чиста формулација, без додавки и фусноти, како што тоа беше случај пред десеттина години, рече Талески.

Талески истакна дека пратеничката група на СДСМ, како и парламентарното мнозинство ќе гласаат ЗА ратификација на Договорот.

Тој потсети дека потпишувањето на Договорот е придобивка од Европскиот предлог и заклучоците по однос на него, кои беа изгласани од парламентарното мнозинство додека опозицијата тропаше, свиреше со вувузели, се закануваше и организираше насилни протести.

Како одговорни пратеници, продолжуваме со реализација на мерките и политиките кои го забрзуваат евроинтегративниот процес и обезбедуваат европеизација на нашата држава, изјави Талески.

 
25.01.2023 - 13:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега