Трипуновски: Раст од 50% на извозот на земјоделски производи
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски смета дека денеска објавените статистички податоци за извозот на земјоделски производи се јасен показател дека земјоделските политики се движат во вистинска насока и дека во иднина земјата не само што ќе ги задоволува домашните потреби, туку и ќе го зголемува извозот.
- Споредувајќи ги првите пет месеци од 2024 година со првите пет месеци од 2025 година во делот на извозот бележиме раст над 50 проценти. Во апсолутна бројка тоа е околу 57 милиони евра што е сериозен раст. Овој раст значи дека успеваме домашните земјоделски производи да ги промовираме и надвор од границите на државата што во иднина ќе значи враќање на тоа што Македонија некогаш била да ги задоволува домашните потреби, но и да извезува. Реченицата Македонија увозна храна полека да станува минато, подвлече Трипуновски, кој денеска ја промовираше новата кампања „Македонско најдобро“.
Посочи дека е формирана работна група која прави анализа за ефектите на субвенциите и дека првичните анализи покажуваат дека причините за падот на земјоделското производство не се само субвенциите, но дека ќе се направи мала модификација во овој дел во 2026 година со цел да се зголеми домашното производство.
- Првичните анализи покажуваат дека причините за падот на производството не се само во субвенциите, напротив тие се момент на одржување на земјоделците, меѓутоа изминатите години бевме сведоци на тоа дека Владата и Министерството не го ставаа земјоделското производство како приоритет. Ги наследивме субвенциите кои беа со сериозно задоцнување и ги исплативме, а тековно ги сервисираме сите субвенции кои што се по календарот на исплата со што градиме доверба на земјоделците кон институциите што во минатото не беше случај поради што дел од земјоделската популација го напушташе земјоделското производство, рече Трипуновски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа