(ВИДЕО) Ковачки: Владата на Ковачевски тајно преговара со Бугарија

Владата на Ковачевски тајно преговара со Бугарија и администрацијата на Кирил Петков. Процесот е целосно нетранспарентен, и за исходот од преговарањето не е информирана ниту опозицијата, ниту Собранието, изјави на денешната прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Посочува дека политичките чинители, пратениците, стручната јавност и граѓаните на Република Македонија за текот на преговорите се информираат од изјавите на бугарските политичари во медиумите, а не од Ковачевски или Османи, кои се должни да реферираат и во Собранието и пред граѓаните.

-Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера даде изјава, во која вели дека е постигнат огромен успех во работата на историската комисија, односно дека тој знае за напредокот и исходот од процесот, но не прецизира што конкретно е тој огромен успех. Ковачевски и Османи да кажат кој е напредокот поради кој Бугарија се радува, а Македонија молчи? Дали радоста во Бугарија е исполнување на сите бугарски барања и бришење на историјата, јазикот и идентитетот? Каков договор се спрема и зошто се уште Ковачевски молчи? Наместо да се крие и да бега од јавноста, веднаш да побара писмени гаранции за македонскиот идентитет и јазик и од Бугарија и од ЕУ, вели Ковачки.

Посочува дека доколку тој одбие тоа да го направи, отвора сериозен сомнеж дека се водат преговори кои се на штета на македонските национални интереси.

-Дополнително, го повикуваме Бујар Османи да дојде во Собранието и да ги информира пратениците за текот на преговорите, како и за тоа кои се следните чекори. Владата не смее да излезе надвор од црвените линии, нагласи тој на денешната прес-конференција.

01.04.2022 - 11:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега