ВМРО-ДПМНЕ закажа седница: Утре ќе се дознаат имињата на техничките министри
ВМРО-ДПМНЕ утревечер по седницата на Извршниот комитет ќе ги соопшти имињата на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика и на дополнителните заменици министри за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство, шумарство и водостопанство кои ќе бидат дел од техничката влада, потврдија вечерва од опозициската партија.
Седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да започне околу 20:30 часот.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски беше овластен од Централниот комитет на партијата во консултација со Извршниот комитет и други истакнати членови на партијата, но и со пошироки општествени чинители, да ги одбере лицата кои ќе бидат дел од техничката влада.
Техничката влада треба да биде избрана сто дена пред парламентарните избори што се договорени за 8 мај односно на 28 јануари. На 24 април ќе се одржат претседателските избори.
Премиерот Димитар Ковачевски најави дека в четврток ќе поднесе оставка, а претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ќе биде технички премиер, утре ќе ги објави датумите за неговата оставка и за изборот на техничката влада. На негово место ќе дојде Јован Митрески од СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа