Во Кисела Вода секое дете ќе има своето место во градинка - Ѓорѓиевски потпиша договор за опремување на првата градинка во Потстаница

 


Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски оствари средба со министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и неговиот заменик Ѓоко Велковски.

Како што соопштија од Општина Кисела Вода, целта на средбата беше потпишувањето на договорот за опремување на новата градинка во населбата Потстаница, чија изведба е во завршна фаза. Ова ќе биде првата детска градинка во овој дел од општината, која ќе овозможи современи услови за воспитување и грижа за околу 80 деца.

-Во Кисела Вода секое дете ќе има своето место во градинка. Имавме важна средба со министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, и неговиот заменик Ѓоко Велковски, на која потпишавме договор за опремување на новата градинка во Потстаница. Оваа соработка е од големо значење за брзо и квалитетно реализирање на овој проект. Кога започнав да ја водам општината, наследените листи на чекање за упис во градинка броеја околу 450 деца, а денес овој број е сведен на само триесетина, вели Ѓорѓиевски.

Со завршувањето на градинката во Потстаница и интензивните градежни активности кои се одвиваат на уште две нови градинки, во Расадник и во 11 Октомври Згради, но и со претходните наши активности преку кои се интервенираше со изградба или проширување на капацитетите во уште 7 други објекти, тој посочува дека целосно ќе ги затворат листите на чекање.

-Градинката во Потстаница, која ја добивме како објект преку одлука на Владата и која моментално е во завршна фаза на темелната реконструкција, ќе биде модерен и безбеден простор од 222 квадратни метри, каде околу 80 деца ќе растат и ќе се развиваат во најдобри услови. Ова е од огромно значење за жителите од Потстаница, бидејќи овој дел од општината никогаш досега немаше детска градинка. Сакам да изразам голема благодарност до министерот Лимани, до неговиот заменик Велковски и премиерот Христијан Мицкоски за брзиот и позитивен одговор во процесот на реализација на овој проект. Ова е доказ дека кога работиме заедно, можеме брзо и ефикасно да ги решаваме проблемите и да создадеме подобра иднина за нашите деца и семејства, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, соопштија од Општината. 

18.07.2025 - 11:50

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега