Зеленски до Трамп: Покажете јасен став и сопрете го Путин

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика Доналд Трамп да заземе „јасна позиција“ за да го запре Владимир Путин и да ја заврши војната во Украина.

Во ексклузивно интервју за „Скај њуз“ од Претседателската палата во Киев, Зеленски рече дека единствениот начин да се стави крај на конфликтот лежи во дефинирани безбедносни гаранции, за кои, вели тој, е потребна храброста на Трамп, објави Скај њуз.

Зеленски изрази надеж дека британскиот премиер Кир Стармер ќе ја објасни иднината на Украина за време на државната посета на американскиот претседател на Велика Британија оваа недела.

„Навистина се надевам дека тој (Стармер) ќе може да има многу специфична дискусија за безбедносните гаранции на САД за Украина“, рече тој.

„Пред да ја завршиме војната, навистина сакам сите договори да бидат во сила. Сакам да имаме документ што е поддржан од Соединетите Американски Држави и сите европски партнери. Ова е многу важно“, нагласи украинскиот лидер, додавајќи: „За да се случи ова, ни треба јасна позиција од претседателот Трамп“.

Украинскиот претседател, исто така, го повика американскиот лидер да преземе „силни лични чекори“ за да го „запре Путин“.

Неговиот апел доаѓа откако Трамп ги повика сојузниците во НАТО да престанат да купуваат руска нафта и воведе царини за Кина за да извршат притисок врз Москва.

„Верувам дека Соединетите Држави се доволно силни за да донесат свои одлуки“, рече Зеленски.

16.09.2025 - 18:14

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега