Гир: Патот на Македонија до ЕУ е практичен и многу лесно остварлив


Вообичаено е да се слушнат гласови на сирени кои велат дека оваа земја не може да ѝ пристапи на Европската Унија – дали затоа што ЕУ не ја сака внатре или затоа што не е способна да биде дел од Унијата. Ниту едно од овие тврдења не е точно, рече денеска шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир на настанот на Министерството за надворешни работи со дипломатскиот кор организиран по повод одбележувањето на четиригодишнината од членството на С Македонија во НАТО.

„Ние сакаме Северна Македонија да биде дел од Европската Унија, патот е практичен и многу лесно остварлив“рече Гир во своето обраќање на настанот.

Говорејќи во таа насока, евроамбасадорот Гир кажа оти го споделува мислењето дека патот кон Европската Унија е пат на просперитет, зајакнување на демократските вредности, владеењето на правото, но и и пат на стабилност.

„Тоа е и пат на безбедност и навистина веруваме дека членството на Република Северна Македонија во Европската Унија ќе биде од корист за сите нас. И од овие причини ја поттикнуваме Северна Македонија да се придвижи што е можно побрзо кон Европската Унија. Сакаме оваа земја да биде дел од Европската Унија врз основа на исполнувањето на обврските што ги презеде во јули 2022 година по кои следуваше меѓувладината конференција и скрининг-процесот, како и имплементацијата на реформите кои беа утврдени во текот на овој процес, вклучително и тие што се набројани во новиот план за раст и реформи на Европската Унија“рече Гир.

Во однос на Северноатлантската алијанса, тој посочи дека таа останува темел за колективната одбрана на сојузниците и е од суштинско значење за евроатлантската безбедност.

НАТО и Европската Унија, рече Гир, истовремено играат комплементарна улога во зајакнувањето и поддржувањето на мирот и безбедноста во Европа.

„И навистина е препознаено дека една посилна и поспособна европска одбрана може позитивно да придонесе кон глобалната и трансатлантската безбедност и е комплементарна и интероперабилна со НАТО“,рече шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава.

Придржувајќи се на честитките по повод четвртата годишнина од пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, Гир ја пофали земјава за, како што кажа, нејзиното стопроцентно продолжено усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, а во контекст на нејзиното лидерство и примерот што го дава во однос на Украина.

„Од руската инвазија на Украина односот на НАТО со Европската Унија значително се зајакна преку стратешкото партнерство. Имаме многубројни области на соработка, вклучувајќи го спротивставувањето на хибридните и киберзаканите, поморската соработка, зајакнување на безбедносните капацитети, борбата против тероризмот и градењето капацитетирече Гир.

27.03.2024 - 13:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега