Инспекторите откриле сокриени три тони отров линдан во ОХИС

Инспекторите на Државниот Инспекторат за животна средина при вонредна инспекција во кругот на некогашниот хемиски гигант ОХИС пронашле складиште со забранетиот пестицид линдан во простории на фирмата „Хемиски Инженеринг“ ДОО Скопје, за чие постоење не било известено ниту Министерството за животна средина и просторно планирање ниту ДИЖС.

„Во ѕидан објект од околу 100 квадратни метри, затворен со метална врата и заклучен со катанец, затекнат е пестицид Линдан во оригинално пакување во книжни вреќи од 30 кг. складиран на дрвени палети, во вкупна количина од околу 3.100 кг., по изјава на одговорните лица“, информираат од Државниот Инспекторат.

Инспекторите, исто така, во близина на објектите каде се вршела електролиза, затекнале три затворени метални цистерни во кои се чувало хлор, со непозната состојба за содржината на хлор во нив. Во непосредна близина се забележуваат активности на сечење на метални цевки и други метални предмети, а за овие хемикалии како и за активностите кои се одвивале во нивна близина, надлежните од фирмата „Хемиски Инженеринг“ не ги известиле ниту Министерството за животна средина и просторно планирање ниту Државниот Инспекторат за животна средина, иако за тоа имале законска обврска.

На компанијата кај која се најдени опасните хемикалии инспекторите за животна средина ѝ наложиле во рок од 90 дена да направи попис на количествата кои ги поседува и да не превзема никакви активности врз градежните објектите и резервоарите или цистерни во кои се чувале хемиски средства, без да го извести за тоа Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина. Од компанијата се правдале дека се работело за затекнати хемиски средства и опасен отпад во превземените објекти и во кругот на поранешен ОХИС – Скопје, наследени по стечајот од 2018 година.

Пестицидот линдан, пред четириесетина години класификуван како отровна материја и забранет за производство и употреба во земјоделието се производувал во ОХИС, но последиве децении претставува еден од најголемите еколошки проблеми во скопскиот регион, откако во кругот на некогашната фабрика е пронајдено дека е складиран во најмалку две депонии. Денес големата и мала депонија на линдан во ОХИС се третираат како жаришта на индустриското загадување, а неодамна почнаа активности за отстранување на опасната материја од малата депонија.

 

16.12.2021 - 20:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега