Десет македонски компании добија признание за македонски квалитет

Десет македонски компании денеска добија признанија за македонски квалитет за 2016 година што ги доделува Сојузот на стопански комори на Македонија под покровителство на претседателот на Република Македонија.

Признанија добија „Кодинг Горска“, „Термалифт“, „Специјал Продукт“, „Гринагро“, „Мирана“, „Конти Хидропласт“, компанијата Велкоски, „Голден арт“, „ТЕ-ТЕ пласт“ и Ансамблот Македонија.

Целта е да се потикнат македонските инвеститори да продолжат со својата успешна работа и да вложуваат во квалитетот на своите производи.

Според претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој присуствуваше на денешната манифестација, само со постојан развој и напредок на домашните компании, може да се очекува економски развој на државата.

- Затоа посакувам наградените, но и сите други компании да се развиваат и да го подобруваат квалитетот на своите производи, за истовремено со нивниот раст да расте и нашата економија. Притоа, тие не треба да ја забораваат општествената одговорност која е одлика на успешните и големите и затоа е неизоставен дел од секоја успешна економија и од секое развиено општество, истакна Иванов.

Тој додаде дека изборот на 10-те најуспешни македонски компании за годинава бил тешок, не поради тоа што има малку успешни домашни компании, туку поради тоа што има многу компании со извонредни постигнувања во земјата и надвор од неа.

Претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска рече дека членките на ССК покажуваат особена динамика во својот развој, имаа претприемачки дух и ги следат најновите достигнувања во бизнис секторот.

- Сите тие се позитивен пример за нашата земја и секој во својот сектор ја претставува Република Македонија во вистинско светло, посочи Арсовска.

За наградените компании доделувањето на едно вакво признание е поттик да продолжат со успешната работа и да ја претставуваат државата и надвор од границите. 

Манифестацијата се одржува секоја година во знакот на оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските инвеститори за тековната година. Од минатата година покровител на манифестацијата е претседателот на Република Македонија. 

 
 
02.12.2016 - 13:59
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега