Остана уште малку: 8.500 денари на сметката на секој вработен Македонец

Сојузот на синдикати на Македонија денеска потсети дека до крајот на годината во приватниот сектор треба да се исплати регресот за годишен одмор односно К-15.

Од Синдикатот истакнуваат дека регресот за годишен одмор се исплаќа во висина од најмалку 40 проценти од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во годината кај ист работодавач. 

- Сознанијата говорат дека ова право од кое зависи здравјето и продуктивноста на работниците во работниот процес минатата година го оствариле најголем дел од работниците, очекуваме така да биде и оваа година. На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција од Државниот инспекторат за труд, или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права, вели ССМ во соопштението.

За работодавачите кои нема да исплатат регрес за годишен одмор или ќе побараат од работниците да ги вратат парите предвидена е затворска казна до една година. 

- ССМ очекува како резултат на зајакнатата санкциска политика и измените на Кривичниот закон да се елиминираат и оние појави каде што имаше практика исплатата да се изврши формално, а потоа да се враќаат средствата бидејќи и ова е предвидено во Кривичниот закон за што следува казна согласно член 166 нов став 2, кој гласи: - „(2) Тој што ќе побара од работник да му врати или ќе прими одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот, ќе се казни со затвор од три месеци до една година, појаснува синдикатот.

Од ССМ потсетуваат дека со колективен договор на ниво на дејност или на ниво на работодавач може да се исплати регрес за годишен одмор поголем од утврдениот со Општиот колективен договор, додека оние фирми кои имаат потешкотии во работењето во консултација со синдикатот на ниво на гранка може да утврдат исплата на К-15 во помал износ. 

Спогодбата за измени и дополнувања на Општиот колективен договор за приватниот сектор со која се овозможи исплата на К-15 беше потпишана во 2013 година од страна на ССМ и Организацијата на работодавачи.

 
 
05.12.2016 - 15:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега