НБРМ: Стабилизирањето на политичката состојба ги намали ризиците во вториот квартал

Народната банка на РМ на денешната седница на Советот  констатира дека во второто тримесечје постојаната монетарна поставеност е соодветна, а ризиците во поглед на макроекономските проекции се слични како и во априлскиот циклус, но помали.

- Ова, како што соопшти НБРМ, особено се однесува на домашните ризици, со оглед на постепеното стабилизирање на политичката состојба во земјата. Ризиците кои доаѓаат од глобалното окружување се оценуваат како слични со оние наведени во априлскиот циклус на проекции.

Споредбата на тековните макроекономски остварувања со очекувањата во рамките на априлскиот циклус на проекции покажува дека, со исклучок на економската активност, во сите останати сегменти засега нема поголеми отстапувања. Најголемо отстапување има кај растот на бруто домашниот производ, при што објавените податоци за првиот квартал покажуваат стагнација на активноста во домашната економија, наспроти очекувањата за умерен економски раст во априлскиот циклус на проекции. Надолното отстапување се должи на повисокиот остварен раст кај увозот на стоки и услуги од проектираниот, што при стапка на раст на реалниот извоз во линија со априлската проекција, резултираше во негативен придонес на нето-извозот кон растот, наспроти очекувањата за негов позитивен придонес во првиот квартал од годината.

Дополнителен надолен ефект, сметаат од НБРМ, имаше и послабиот раст на личната потрошувачка од очекуваниот. Од друга страна, динамиката на инвестициската активност беше нешто подобра од очекуваната. Од аспект на структурата, извозот и натаму има највисок индивидуален позитивен придонес кон годишната промена на БДП, главно како резултат на активноста на новите индустриски капацитети, но  закрепнување се забележува и кај дел од традиционалните сектори.

Во текот на вториот квартал растот на домашните цени очекувано забрзал и достигнал 1,2 проценти на годишна основа, наспроти 0,5 отсто во претходниот квартал. Ова, како што стои во соопштението, претставува мало надолно отстапување во однос на априлските проекции, што во најголема мера се должи на понискиот остварен годишен раст на цените на енергијата од очекуваниот.

За цела 2017 година не се очекуваат позначајни отстапувања на инфлацијата од априлската проекција, при што и натаму се очекува раст на цените од 1,3 отсто, којшто понатаму умерено би забрзал до 2 отсто во 2018 година.

Расположливите податоци за надворешниот сектор за вториот квартал упатуваат на поповолни движења. Поповолните остварувања се очекуваат во рамки на тековната сметка, каде што има можност за остварување на помал дефицит од проектираниот. Имено, последните податоци за откупената странска ефектива на менувачкиот пазар со втора декада од јуни упатуваат на повисоки нето-приливи од проектираните, што создава можност за подобри остварувања кај секундарниот доход во вториот квартал, додека податоците за надворешната трговија заклучно со мај упатуваат на остварувања во линија со проекцијата. Нивото на девизни резерви за време на целиот период се движи во сигурната зона.

Во вториот квартал од годината кредитната активност на банкарскиот сектор забележал зголемување на квартална основа, наспроти падот во претходниот квартал, што е вообичаено движење во овој период. Вкупниот депозитен потенцијало стварил мал раст на квартална основа, наспроти намалувањето во претходниот квартал. Анализата по сектори покажува дека растот во целост произлегува од повисоките депозити на секторот „домаќинства“, при пораст на депозитите во домашна валута.

Резимирано, остварувањата не упатуваат на позначајни отстапувања во однос на априлското сценарио во сегментите коишто се клучни за монетарната политика, при што и понатаму се задржани оцените за здравоста на економските основи.

На денешната седница, Советот на Народната банка го разгледал и усвоил и Извештајот за финансиската стабилност во Република Македонија во 2016 година, при што е заклучено дека финансискиот систем и македонската економија се соочија со силен предизвик за стабилноста поради домашните политички случувања, кои кулминираа со оркестрирано ширење шпекулации во април и мај од годината. Сепак, и во 2016 година е одржана финансиската стабилност. За тоа клучен придонес имаа преземените мерки од Народната банка за одржување на стабилноста на девизниот курс, во насока на одржување на ценовната стабилност како основна цел, но и како поддршка на  финансиската стабилност како втора законска цел на Народната банка, заедно со соодветното управување со ликвидноста од страна на банките кои и најмногу ги почувствуваа последиците од априлските и мајските случувања.

Повлекувањето на депозитите, стои во соопштението, беше проследено и со зголемена склоност на домаќинствата за располагање со девизна готовина, што предизвика повисока побарувачка за девизи на менувачкиот пазар и девизниот пазар. Во периодот април – мај, Народната банка интервенираше со нето-продажба на девизи, а на почетокот на мај ја зголеми основната каматна стапка, при истовремено намалување на понудата на благајнички записи согласно со ликвидносните потреби на банките. Покрај тоа, беше зголемена задолжителната резерва за денарските депозити со девизна клаузула и беа реактивирани аукциите за девизните депозити на банките кај централната банка. Сите овие мерки, во комбинација со соодветното управување со ликвидноста од страна на банките, коишто без застој ги извршуваа сите барања за исплата на депозити, овозможија стабилизирање на очекувањата на економските субјекти и последователно позитивни движења на девизниот пазар, како и смирување на неповолните случувања на депозитниот пазар. Со оглед на остварената стабилизација на движењата во втората половина на годината и натамошното задржување на оцените за стабилноста на темелите на домашната економија, во октомври Народната банка престана да одржува аукции за девизни депозити, а почнувајќи од декември започна со нормализацијата на монетарната политика и изврши намалување на основната каматна стапка во три наврати со што се врати на нивото од почетокот на 2016 година, односно 3,25%.

Корпоративниот сектор во 2016 година, на агрегирано ниво, покажа отпорност на негативните ефекти од нестабилното домашно политичко окружување и ја задржа оперативната успешност, отсликано преку растот на додадената вредност, показателите за профитабилноста и задржаната стабилна динамика на показателите за задолженоста и ефикасноста во користењето на средствата.

Задолженоста на секторот „домаќинства“ не е висока и на крајот од 2016 изнесуваше 23 отсто од БДП. Во услови на поволни движења на пазарот на труд и платите, долгот на домаќинствата продолжи да расте и во 2016 година со побрзо темпо во споредба со растот на финансиската актива и расположливиот доход, со што не се забележа позначителна материјализација на кредитниот ризик во портфолиото на домаќинства.

Банкарскиот сектор успешно ја надмина кризната година, задржувајќи ја својата стабилност. Позначителни промени во првата половина од 2016 година беа забележани единствено кај показателите за ликвидност, иако тие се задржаа на задоволително ниво и веќе во третиот квартал се вратија на вообичаеното. Вкупните депозити кај банкарскиот сектор се зголемија за 5,4 отсто, а кредитниот раст, со изземањето на ефектот на регулаторната мерка за целосен отпис на нефункционалните пласмани кои што се целосно покриени со исправка на вредност, се задржа на солидно ниво и на крајот на годината изнесуваше 6 отсто. Показателите за солвентноста и капитализираноста на банкарскиот сектор останаа високи, и покрај намалувањето коешто најмногу произлезе од побрзиот раст на активата пондерирана според ризиците. Другите сегменти на финансискиот систем, односно пензиските фондови, осигурителните компании, инвестициските фондови и финансиските пазари, во целост ја задржаа финансиската стабилност.

Народната банка, се посочува во соопштението, останува внимателно да ја следи состојбата и да ја оценува регулаторната поставеност и по потреба ќе донесе нови мерки и спроведе нови активности доколку параметрите за финансиска стабилност укажуваат на тоа. 

Советот на Народната банка на Република Македонија, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ги усвои и Одлуката за издавање и Одлуката за пуштање во оптек кована пара за колекционерски цели „Свети Серафим Саровски Чудотворец“. Кованaта парa е со апоен од 2000 денари и во количина од 50 парчиња. 

 

 

 

27.07.2017 - 14:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега