Алкалоид со раст на добивката и зголемување на бројот на вработени во првата половина од годинава
„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – јуни 2017 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.
Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – јуни, продажбите достигнуваат 3.507.290.746 денари, што е за 8% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 649.689.157 денари, бележи зголемување од околу 11%, единечната нето добивка изнесува 374.886.745 денари и истата е зголемена за 9%.
Во периодот јануари – јуни, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 4.554.009.259 денари, што е за 9% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 7%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 10%. Од вкупните консолидирани продажби, 39% се остварени на домашен пазар, додека 61% се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 32%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 7%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21% и на останатите пазари се остварени 1% од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен раст е остварен во В.Британија со продажби од 127.873.079 денари и Унгарија со продажби од 11.691.735 денари што претставува зголемување за 18 пати споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Русија раст од 24%, Романија раст од 52%, Словенија раст од 24%, Украина раст од 33%, Црна Гора раст од 17% итн.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 84%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 21%, Кардиолошките препарати со 16%, Антибиотиците со 14%, Невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 16% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 3%, Козметика со 10% и Билкарство учествува со 3%.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 668.995.343 денари бележи раст од 12%, додека нето консолидираната добивка во износ од 361.750.584 денари е зголемена за 11%.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари - јуни 2017 година изнесуваат 323.470.022 денари.
Во периодот јануари - јуни 2017 година во Алкалоид се реализирани 54 нови вработувања во Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа