Централен одбор на СДСМ во недела по „метлата" на Заев

За во недела е најавен Централен одбор на СДСМ, каде што ќе бидат донесени одлуки. Ова денеска го најави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов по одлуката на Заев да почне со метлата од СДСМ, односно да разреши 78 претседатели на oпштинските огранизации на СДСМ, или сите претседатели на општинските организации на партијата.

- СДСМ се заблагодарува на сите досегашни претседатели за нивниот досегашен ангажман на локално ниво, како претставници на најголемата владејачка партија. Оваа одлука води единствено кон поправање, коригирање на слабите резултати во општините каде добивме јасен сигнал од граѓаните, и се разбира кон продолжување на добрата работа во општините каде граѓаните се задоволни. Затоа, ги охрабруваме оние претседатели на општинските организации каде што беше забележана победа на изборите, повторно да се кандидираат на новиот конкурс што ќе биде објавен во текот на идната недела, рече денеска Костадинов.

Централниот одбор ќе биде во недела, а јавноста ќе биде информирана за одлуките.

- Промените кои носат подобар живот за граѓаните продолжуваат, следуваат нови чекори. Ја известуваме јавноста дека во недела, во 18.00 часот ќе се одржи седница на Централниот одбор на СДСМ, а за донесените одлуки јавноста навремено ќе биде информирана, додаде Костадинов.

Инаку, одлуката за чистката вчера ја соопшти премиерот.

-Синоќа донесов одлуки, а денеска е ред да ги споделам – ќе бидат изработени решенија од страна на администрацијата на СДСМ и во текот на денов ќе ги потпишам решенијата. Одлуката е – се разрешуваат сите претседатели на општински ограноци на СДСМ. Сакам да им се заблагодарам на сите за активноста, работата, служењето на граѓаните, како претставници на локално ниво на најголемата владејачка партија, на сите претседатели на оние општински организации каде се победи на изборите. Апелирам да бидат повторно кандидати, нека се кандидираат на следниот конкурс кој уште идната седмица ќе биде објавен во постапка, изјави Заев по работниот појадок со бизнисмените што се одржа во хотелот Хилтон.

Премиерот појасни дека како  што ќе ги носат одлуките така ќе ги објавуваат преку медиумите и ќе ги информираат граѓаните.

-Почетокот на јуни или првата половина на јуни ќе се случуваат промените во општествениот сектор, тоа се јавните претпријатија, министерствата, Владата и сите владини институции. Во политичкиот дел во мојата партија каде јас сум директно надлежен, а тоа е во изборот на претседатели на општински организации, одлуката веќе ја донесов и синоќа ја соопштив на координација на колегите од раководството заради тоа што тоа е мое право, конечната олдука е токму таа, рече Заев.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.05.2019 - 14:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега