Поставена новата табела на ОУ „Имри Елези“ во Општина Чаир

Имињата на училиштата не ги определува Владата, ниту министерот за образование и наука. Иницијативата почнува од училишниот одбор, бидејќи ова прашање се решава со Статутот на училиштето, а предлагач на статутот на училиштето е училишниот одбор, истакна министерот за образование и наука Арбер Адеми на денешното поставување на новата табела на основното училиште „Имри Елези“ во Општина Чаир.

– Потоа треба да добие одобрение и од основачот, т.е. општинскиот совет, па потоа на крајот согласност и од министерот за образование и наука. Така што, министерот за образование и наука дава согласност за статутот што го предлага училишниот одбор, рече Адеми.

Министерот посочи дека секогаш кога од него како министер за образование и наука било побарано согласност за преименување на училиште или промена, измена или дополнување на статутот на училиштето, со кој се именуваат и училиштата, добиле согласност.

– Секогаш на нашите обраќања сме истакнале дека имињата на училиштата не треба да се политизираат, туку напротив имињата на училиштата треба да ја рефлектираат волјата на граѓаните, каде е воспоставено тоа училиште, волјата на наставниците, на стручните работници, на родителите…Не би сакала да навлегувам во прашања на политизација и партизација на ваквите прашања кои се однесуваат на преименувања на конкретни училишта. Тие треба да ја рефлектираат волјата на граѓаните, изјави Адеми.

Адеми на новинарско прашање одговори дека не знае оти има иницијатива за преименување на средното училиште „Цветан Димов“.

Елез Елези, брат на Имри Елези, упати благодарност до сите што придонесувале за ваквиот чин на именување на училиштето со името на неговиот брат. Посочи дека ваквите настани не треба да се мешаат со политика, кој воедно беше и апел до сите политички партии.

Проблемот со промена на имињата во Чаир трае  уште од 2012 година. Тогаш Советот на Општина Чаир гласаше за промена на овие имиња, но советниците Македонци реагираа дека  одлуките се донесени без потребното мнозинство. Адеми објави дека се променети имињата на училиштето Никола Вапцаров, кое сега се вика Имри Елези , а Рајко Жинзифов е Исмаил Ќемали.

 
 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.03.2020 - 14:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега