Отворено писмо на Здружението „САКАМ ДА РАБОТАМ“ до пратениците на владејачкото мнозинство

Вчера, најмалку 10 илјади вработени во секторот игри на среќа ја добивме најсуровата честитка за Нова Година. Среќна Нова 1990 година! Како временска машина го враќате македонското општество во едно минато кога имаше покер апарати на скриени места во кафулињата, игри со ќибритчиња на „Камен Мост“ и диви играчници на секое ќоше без државна контрола. Дури сега пошироката јавност и дежурните критичари ќе разберат каков хаос следи и колку младината ќе биде под вистински ризик!

Иронијата да биде поголема се уверивме дека усвојувањето на противуставните и скандалозни измени на Законот за игри на среќа е приоритет над приоритетите за владејачкото мнозинство. Поважно и од комплетирањето на Уставниот Суд и ДИК. Навистина не можеме да разбереме што зорт имате и кој треба да печали од нашето страдање?

Искрено, не сме виделе ни чуле за други политички структури кои толку посветено работат против себе. Откако го усвоивте буџетот за 2024, ви требаше само пет минути за да донесете одлука да се скратат минимум пет проценти од приходната страна за следната година. Буквално да го уништите најголемиот приватен работодавач во државата, економски сектор кој секоја година го полни Буџетот со минимум 280 милиони евра.

На најмалку 35 илјади луѓе, меѓу кои 10 илјади директно вработени во секторот игри на среќа и нивните семејства ни порачавте да си ги пакуваме куферите и да си го бараме чарето на запад. На закуподавачите на легалните објекти за игри на среќа им најавивте дека нивните деловни простории набрзо ќе зјаат празни. На банките кои дале кредити на вработените или на организаторите на игри на среќа, им го запаливте алармот. Да активираат банкарски гаранции, хипотеки, други заложни права.

Не случајно народот вели, „по туѓ грб и сто стапа не болат“! Ни внесовте немир и не направивте многу гневни. Со право си го поставуваме прашањето дали можеби причината за ваквото нерационално однесување кон нас е затоа што во овој сектор работат доминантно етнички Македонци? Дали сте свесни какви последици предизвикувате? Зарем во 21 век треба вакви меѓуетнички дилеми да поставуваме?

Затоа имаме една многу важна порака до вас, која е мудро да ја сфатите многу сериозно. Можеби ние не сме посилни од вас. Не сме власт, не сме политичка партија, нема полиција зад нас, но како Здружение на вработени имаме храброст, чест и волја да се бориме за нашето уставно загарантирано право на работен однос. И бидете уверени дека многу жестоко, со демократски методи ќе ви покажеме дека грешите и без никаков основ ни нанесувате голема неправда.

Нека ви е среќна Новата Година со пораката: НЕМА РАБОТА НЕМА МИР!

28.12.2023 - 10:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега