Албанските партии во Македонија зимава своите гласачи ќе ги „хранат“ со барања за промена на Уставот

Додека целиот свет се бори со последиците од енергетската и економската криза, во Македонија, клучните политички партии на македонската политичка сцена се борат со тоа кој ќе предложи подобри „мерки“ со кои ќе се подобри положба на албанското малцинство во државата. Откако пред некоја недела Алијанса за Албанците најави дека ќе ги свика лидерите на албанските политички партии на лидерска средба, БЕСА воопшто не чекаше и истото тоа го направи денеска. И двете партии генерално имаат исто барање а тоа е замена на терминот 20% во македонскиот Устав со албански јазик, или практично да го официјализираат албанскиот јазик и да го стават на исто ниво како и македонскиот.
И двете партии кои инаку имаат „целосен фокус на евроинтеграциите“ најавуваат дека кога се во прашање етничките позиции на Албанците во Македонија, спремни се и да не гласаат за промена на Уставот и деблокада на македонските евроинтеграции.
Наскоро ќе го објавиме сетот мерки. Ние сега анализираме кога треба да го објавиме тоа, во меѓувреме сме во консултација со меѓународни експерти, меѓународниот фактор и интелектуалци. Кога ќе дојде моментот, кога ќе видиме дека е моментот да се објави, тогаш ќе го објавиме, ништо итно, рече Таравари за ТВ Коха.
Алијанса на Албанците која доживеа катастрофа на последните избори нема проблем да подготви „сет на мерки“ за промена на Уставот, но кога станува збор за сет на мерки на пример за помош на стопанството или пак на граѓаните, од оваа партија, како и од сите партии од албанскиот етнички блок не може да се чуе ниту збор.
Растрчаноста на Ковачевски и Мицковски по партиски трибини и настани веројатно ги стави партиите на етничките Албанци во земјава во еден предизборен мод, а во него, како по некое повеќе пати видено сценарио, почнуваат да се испорачуваат барања кои содржат елементи кои наводно ќе ја подобрат положбата на етничките Албанци во земјава.
Сепак, факт дека и со и без албански јазик и Албанците како и Македонците едвај врзуваат крај со крај секој месец. Цените во продавниците не познаваат етничка категорија а тешкиот живот е подеднакво тежок без разлика на која етничка заедница и припаѓате.

01.11.2022 - 18:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега