„Десет дена Крушевска Република” и „Денови на Смилевскиот конгрес” – нови национални установи

 

 

Владата на Република Северна Македонија на денешната седница, на предлог на Министерството за култура, донесе одлуки за формирање две национални установи поврзани со афирмација на настани и личности значајни за илинденскиот период и за македонската државност.

Владата ја разгледа Информацијата за потребата од основање нова Национална установа Центар за култура „Десет дена Крушевска Република“ – Крушево и донесе ваква Одлука.

Со основањето на оваа национална установа, се очекува поттикнување на творештвото на современиците инспирирано од Илинден и борбата на македонскиот народ за национално ослободување и за афирмација на Република Северна Македонија.

Национална установа Центар за култура „Десет дена Крушевска Република“ – Крушево, ќе биде сместена во објектот на Националната установа Историски Музеј – Крушево, што е во сопственост на Република Северна Македонија.

Владата ја разгледа и Информација за потребата од основање нова Национална установа, Манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ – Смилево, Демир Хисар и донесе ваква Одлука.

Националната установа Манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ – Смилево, Демир Хисар, како што е посочено во Информацијата, ќе ги одбележува деновите на Смилевскиот Конгрес, како историски настан од значење за македонскиот народ и за спомените за Даме Груев. А ќе биде сместена во објект во село Смилево, што е во сопственост на Република Северна Македонија, односно во некогашната куќа на револуционерот Даме Груев.

Смилевскиот конгрес е одржан од 2 до 7 мај 1903 година во село Смилево, Демир Хисар. Овој Конгрес според одлуките што ги донел, претставува една од значајните етапи во подготовките на Илинденското востание. Со тоа, Смилевскиот Конгрес е настан длабоко врежан во свеста на македонскиот народ, што трајно ја определил неговата иднина. А спомените за ликот и делото на Даме Груев, како и други историски личности и настани, се постојан потсетник за поставувањето на темелите на македонската државност.

01.08.2023 - 17:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега