ДУИ: Дали Македонија станува „третата српска република“?

Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост и алармира до јавноста дека Северна Македонија се соочува со отворена офанзива на злогласниот проект „Српски свет“. Овој проект сè почесто се манифестира на официјален начин, со присуство и, за жал, со благослов на државни претставници на нашата земја.
По прославите во Битола, каде високата делегација на Србија заедно со министри и претставници на нашата Влада под превезот на „Солунскиот фронт“ го чествуваа српското окупирање на нашите територии, на 7 септември 2025 година на Кајмакчалан ја слушнавме и скандалозната изјава на српскиот министер за одбрана, Братислав Гашиќ, кој зборуваше за „патот на слободата“ и „враќањето во татковината“ на српската војска на територијата на Македонија, велат од ДУИ.
„Присуството на нашите институции во вакви сценарија претставува не само тежок историски и политички провокациски чин, туку и обид за релативизирање на суверенитетот на нашата држава, претставувајќи ја Северна Македонија како „третата српска република“. Тоа е неприфатливо. Тоа е директна закана за идентитетот, државната стабилност и евроатлантската ориентација на земјата.
ДУИ јасно нагласува: проектот „Српски свет“ е непријателски кон Северна Македонија. Рамковниот договор, меѓуетничката кохезија и нашиот неповратен пат кон Европската Унија се единствената гаранција за сигурна иднина. Секој обид за поткопување на овие вредности ќе се соочи со нашето решително и бескомпромисно противење.
Северна Македонија не е, и никогаш нема да стане „третата српска република“!“, стои во соопштението од ДУИ.
10.09.2025 - 10:26
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа