Јанковиќ: Ќе го разреши ли Мицкоски вицепремиерот Фетаи поради непочитување на македонскиот јазик?
Владата на ВМРО-ДПМНЕ не испорача „историки резултати“ а наместо „горда Македонија“ коалициски партнери во Владата не го почитуваат ниту македонскиот јазик, изјави на денешната прес-конференција Јовица Јанковиќ од редовите на СДСМ.
На официјално обраќање, Вицепремиерот Арбен Фетаи, одби да одговара на македонски јазик. Со ладнокрвност порача дека „уште не бил спремен на македонски“. Тоа го кажа човек на висока функција во Владата на Мицкоски, изјави Јанковиќ.
„А од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски молк. Нема реакција, нема извинување, нема барање за одговорност.
Прашањето е едноставно: за ова ли на Мицкоски му требаа 58 пратеници? За уште поголемо непочитување на македонскиот јазик и институциите?
Ова не е изолиран случај. И други функционери од албанскиот блок во Владата на Мицкоски не се обраќаат на македонски и не одговараат на медиумите. А ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо.
Во јуни имаше сличен случај, Мицкоски излезе и кажа дека ако се повтори уште еднаш ќе биде разрешен директорот кој тогаш одби да зборува македонски јазик.
Ќе го разреши ли Мицкоски сега Фетаи?, прашува Јанковиќ.
„Или функционерите од власта се недоприливи?
Уште колку пати Мицкоски ќе каже нешто па ќе го порече?
Законот за употреба на македонскиот јазик, донесен во 2024 година, предвидува и санкции за неупотреба на македонскиот јазик.
Казни од 1.500 до 3.000 евра за непочитување на употребата на македонскиот јазик има, ама нема кој да ги напише.
Прашањето е зошто? И дали намерно не се формираше Инспекторатот за ова самоволие на функционерите од власта вака да поминува.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на сето ова се прават глуви и слепи, како ништо да не се случува.
Се колнеа во „македонштина“, се бореа против француски предлог и „асимилација“, а денес не можат ни да обезбедат почитување на македонскиот јазик во сопствената Влада“, посочи Јанковиќ.
Јанковиќ посочи дека ова е суштината на лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски. Едно зборуваат, друго прават. Се колнеа во „патриотизам“, а денес македонскиот јазик – темел на нашиот идентитет – е понижен токму во Владата која тие ја водат.
„СДСМ ќе продолжи гласно да се спротивставува на ова непочитување. Нема да дозволиме ниту молкот на Мицкоски, ниту ароганцијата на неговите коалициски партнери да ја избришат должноста на сите функционери да го почитуваат македонскиот јазик и граѓаните“, рече Јанковиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа