МЗШВ: Ако имало толкав буџет како што тврди СДСМ, зошто претходниот министер остави неисплатени обврски кон земјоделците?

 

СДСМ денеска преку прес-конференција се пофали со енормен буџет во 2023 година, но ја потсетуваме дека нејзината Влада остави неисплатени субвенции кон огромен број на земјоделци, реагира попладнево Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Според МЗШВ, не е укинат лимитот за директни плаќања и ова е уште еден доказ дека СДСМ шпекулира со неточни информации.

-Зошто молчат дека финансиската поддршка за земјоделците за 2024 година, проектирана од нивна страна, изнесуваше само 5,9 милијарди денари? Восептември 2024 година со ребалансот на Буџетот се обезбедија дополнителни две милијарди денари токму за исплаќање на заостанатите обврски за 2023/2022 година. На крајот на 2024 година повторно се обезбедија дополнителни 1,4 милијарди денари со што финансиската поддршка за 2024 година изнесуваше околу 8,4 милијарди денари што е највисока во изминатите неколку години, благодарение на сегашната Влада, потсетува МЗШВ.

Напоменува и дека средствата за земјоделците не се скратени.

-Изминатиот период оваа Влада докажа дека се грижи за земјоделците. Досега се исплатени близу 10 милијарди денари за заостанати и тековни обврски кон земјоделците. Преку соопштенија и прес конференции СДСМ пласира и невистини дека се намалуваат средствата за Програмата за рурален развој. Со ребалансот на Буџетот ќе се обезбедат 480 милиони денари за Програмата за рурален развој. Разликата е евидентна, денес земјоделството се движи во вистинска насока, наведува МЗШВ. 

23.07.2025 - 18:12

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега