Нова група на Мировниот корпус ќе ја почне својата мисија во Македонија

Во Македонија денеска ќе пристигне 19-та група волонтерите од американската владина организација Мировен корпус.

Групата брои 44 волонтери, коишто во следните две години ќе работат на волонтерска основа во два сектора во Македонија: унапредување на наставата по англиски јазик во основните и средните училишта во државата, и во секторот Развој на заедниците во повеќе опшптини и невладини организација низ Македонија.

Инаку, традиционално македонско добредојде на волонтерите во понеделеник ќе им посака заменикот амбасадор на Америка во Македонија  со што официјано ќе почне нивната 11-неделна интензивна обука, интегрирана во четири заедници и водена од македонски инструктори.

За време на 11-те недели, тие ќе живеат во семејства од локалните заедници и ќе ги изучуваат македонскиот и албанскиот јазик, ќе се запознаат со различните култури и традиции во Македонија, и ќе се стекнат со вештини и знаења од полето на нивната идна стручна работа во Македонија.

Мировниот корпус е агенција на Владата на САД основана во 1961 година од страна на претседателот Џон Кенеди. Во Македонија е присутна од 1996 година врз основа на меѓудржавен договор.

Во текот на 17 години во Македонија Мировниот корпус остварува интензивна и мошне успешна соработка со Министерството за образование, со Министерството за труд и социјална политика, како и со Министерството за локална самоуправа.

Досега во Република Македонија служеле повеќе од 400 волонтери, коишто по комплетирањето на својата служба, заминале од Македонија како нејзини големи пријатели и вистински „амбасадори“ на Македонија во САД. 

14.09.2014 - 10:51


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега