Ќе се пресече регионалниот пат до РЕК Битола за да не се поплави Новаци

Регионалниот пат кој води до РЕК Битола ќе биде пресечен за да се направи пропуст на водата која се заканува да го поплави селото Новаци, одлучи регионалниот кризен штап во координација со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски.

Како што информира градоначалникот на Битола Владимир Талески, веќе е дадена наредба за дејствување на механизацијата. 

- На денешниот состанок, во координација со министерот Јанакиески, донесовме одлука да се пресече регионалниот патен правец Битола-Новаци кој води до РЕК Битола. Така ќе се намали притисокот што го прави водата и ќе се пренасочи во другиот дел на Пелагонија. Ситуацијата ја следиме на цел терен, изјави Талески.

Одлуката за сечење на регионалниот патен правец Битола-Новаци ја потврди и градоначалникот Лазар Котевски.

- Добивме дозвола од министерот Јанакиевски да го сечеме патот за да направиме вештачки испуст на водата која е надојдена и постојано се зголемува. Пробиено е коритото на Црна 100-тина метри од браната на РЕК Битола и деветиот канал. Поплавувањето на Новаци почна синоќа, ги евакуиравме и првите луѓе, но за да се спречи поголема катастрофа решивме да го преземеме овој чекор, напомена Котевски.

Сообраќајот ќе биде пренасочен кон Новаци - Добромири - Горно Агларци - Дедебалци -Добрушево - Тополани - Битола.

Надојдената вода  на Црна река се заканува да го урне мостот на патот кој поминува низ Новаци и води до РЕК-Битола. Доколку дојде  до тоа цело село Новаци и најголемиот производител на електрична енергија во државата ќе останат отсечени, потврди градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски.

- Ситуацијата е навистина алармантна, заради надојдената вода, веќе започнаа да се поплавуваат куќите на почетокот на селото, поплавено е и повеќенаменското игралиште а водата е дојдена скоро до училиштето. Затоа ги пуштивме децата да си одат дома и прекината е наставата заради нивна безбедност. Ситуацијата ќе беше далеку покритична доколку не преземевме превентивни мерки уште пред неколку дена кога копавме насипи и поставувавме вреќи со песок на критичните места. Ако тоа не го направевме несакам ни да замислам какви ќе беа штетите. Водостојот на река Црна вештачки се намалува затоа што водата се пропушта кон село Новаци, вели градоначалникот Котевски

 

 

Оцени ја веста

04.02.2015 - 13:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега