Бакрачески: Охрид меѓу водечките општини во водењето социјална политика

Охрид е една од водечките општини во Република Македонија што се однесува на социјалната политика и грижата за социјално ранливите категории на граѓани. Активностите насочени кон подобрување на условите за живот на социјално ранливите категории граѓани и олеснување на нивното секојдневие е една од приоритетните заложби на актуелната власт во локалната самоуправа, истакна денеска градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Тој пред медиумите нагласи дека независно од наследената лоша финансиска состојба локалната самуправа успеала во овој период од нецели две години од преземањето на власта од буџетот да издвои повеќе од шест милиони денари за финансирање различни програми и активности насочени токму за ранливите категории граѓани.

Меѓу реализираните социјални проекти тој ги посочи субвенционирањето на дел од долговите на социјалните семејства кон општинските јавни претпријатија, поддршка на наталитетот со еднократна парична помош на родилките, континуирани стипендии за ученици и студенти, бесплатните курсеви по странски јазик и информатика за студенти и невработени лица, помош за семејствата чии домови беа опожарени, континуирана подршка на Центарот за згрижување на лица со посебни потреби „Зраци“, помош во снабдување со огревно дрво за тие категории граѓани, како и учество во повеќе хуманитарни и донаторски активности реализирани во соработка со Црвениот крст на Охрид.

Бакрачески нагласи дека локалната самоуправа финансиски ќе ги помогне и неколкуте семејства во градот чии домови претрпеа штети и беа поплавени изминатите денови, последица на неповолните временски прилики проследени со инвензивни врнежи од дожд што го зафатија регионот.

- Но, она што за нас преставува врвен приоритет во делот на подобрување на животниот стандард на нашите сограѓани, тоа е борбата за стопанско заживување на Охрид и отворање нови работни места, напори што заедно со Владата ги водиме во континуитет, а кои секако се насочени и кон намалување на бројот на лица кои се од социјален ризик, истакна Бакрачески, притоа посочувајќи на инвестициските активности на „ОДВ Електрик“ и „Костел“, што отвораат можности за активно вклучување на пазарот на труд и на лицата од социјално ранливите категории. 

 

 

Оцени ја веста

04.02.2015 - 13:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега