Би-Би-Си од Вевчани: Весел бунт со викање и играње на сите страни

Британската телевизија Би-Би-Си на својата интернет страница за патеписи ја објави репортажата од годинашниот Вевчански карневал во која го претставува овој уникатен настан. "Стотици излегуваат на улиците, нивните лица прекриени со маски, дел страшни, дел бизарни, а некои целосно надвор од овој свет. Традицијата се одржува на Василица, православната Нова година, но потекнува од паганското доба", пренесува Би-Би-Си.

Мишко Китановски, историчар на Вевчанскиот карневал, вели дека карневалот носи и своја политичка порака. "Ѓаволите се тука да ги избркаат лошите духови, лошите мисли и се што е лошо во семејството. Глупите Августи, пак, испраќаат порака дека секоја власт треба да се критикува за да биде подобра во годината која што доаѓа", вели Китановски за Би-Би-Си, додавајќи дека основни правила за учесниците на карневалот се да пијат 24 часа пред настапот и да бидат подготвени добродушно да ги поднесат провокациите од другите учесници, влечењето, туркањето, викотниците...

"Се наоѓаме во едно весело безредие, со врева, викање, играње, пиење" - вака Би-би-си ја опишува атмосферата во Вевчани, додека петарди и огномети летаат наоколу. "Целта е се што било лошо во минатата година да застане тука, да се запре со хумор и сатиричен пристап, да биде заборавено, и во новата година да почнеме со подобри желби и повеќе веселба", вели Катерина Цветовска, од организацијата на карневалот.

Британската телевизија потсетува на дамнешниот бунтовен дух на Вевчанци, кои станаа познати во 1980ите години со противењето на обидот на тогашната комунистичка власт да управува со нивната вода. Во 1991 година, за време на распадот на Југославија, и Вевчани на мајтап прогласи независност - своја република, која ја поддржаа 100 проценти од граѓаните.

"Вевчани е официјално дел од Македонија, но туриститите можат да станат почесни државјани и да си земат вевчански пасош. Изгледа многу уверливо, само не се обидувајте да патувате преку граница со 
него", советува Би-би-си.

 

 

Оцени ја веста

25.02.2015 - 14:53
Фото: 
дневник

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега