Груевски: Се прислушувало на два начина

Зад снимањето на телефонските разговори стои странска разузнавачка служба, чиј главен соработник во земјата е лицето З.В., кој развил своја агентурна мрежа, изјави на прес-конференцијата премиерот Никола Груевски, повикувајќи се на сознанија што ги добил од МВР. 

Македонските служби знаат за која странска служба станува збор, но премиерот рече дека во оваа фаза не би сакал да изнесува повеќе информации. За тоа дали ќе има протерување на дипломати, рече дека за завршувањето на целосната судска постапка ќе се донесат одлуки дали треба нешто да се преземе во тој правец. 

Посочи дека во лап топот на лицетот З.В., покрај останатите работи, се пронајдени и транскрипти на телефонски разговори преведени на англиски јазик, пред кои стои опис на имињата на лицата кои го водат разговорот и нивните меѓусеби релации, а исто така во материјалите имало и политичка анализа.

- Јасно е дека материјалот бил наменет за надворешни лица кои не го разбираат македонскиот јазик, и кои недоволно добро ги знаат политичките и други јавни личности во РМ. Затоа било потребно да се преведат разговорите, да се опише кој со кого зборува, каква функција имаат тие луѓе во Македонија и кои се нивните меѓусебни односи со цел нарачателот да има целосна и јасна слика, со анализа поткрепена со транскрипти од конкретни разговори помеѓу истакнати личности во политичкиот живот, изјави Груевски.

Дел од пронајдениот материјал кај лицето З.В., според Груевски, е пронајден и во компјутерот на неговата сопруга која го користела тој компјутер  на нејзиното работно место во една финасиска организација во сопственост на приватна компанија од една соседна држава.

- За тоа дали лицето З.В. и неговото семејство имале или не одредени незаконски дејствија, укажуваат и нивните панични реакции во обид со секира да го скршат комјутерот, низ прозор да ги фрлат мобилните телефони во кои испраќањето на пораки било со шифри со комбинација на броеви, и за нивната инволвираност прибавените докази МВР ги достави до јавното обвинителство и ќе бидат презентирани пред судот во понатамошната постапка, рече премиерот.

Дали некој од вас, праша Груевски, доколку е невин, и по некој случај му дојде полиција за претрес, ќе го крши компјутерот со секира, ќе го фрла мобилниот телефонот низ прозор, и дали некој нормален човек со сопругата и децата се допишува наместо со букви, и зборови, со бројки, шифри кои секој од нив знае како да ги дешифрира и да ги претвори во текст. - За среќа се ова е дешифрирано и обезбедено како доказ за на суд, рече премиерот. 

Според информациите од МВР и од нивната комуникација со обвинителството, Груевски посочува, оти се цени дека за сето ова постојат цврсти докази, како матерјални, така и сведочења. Значи цврсти и непобитни докази, вели тој.

За тоа кој ги снимал разговорите премиерот Груевски вели дека откако Зоран Заев ми ја упатил заканата, МВР регистрирала два начини на кои се снимале разговорите.

- Првиот начин, за кој беше предаден на суд денес медиумите објавија дека имаме и една судска правосилна одлука. Според сведочењето и признанието пред истражните органи во правосудната постапка на двајца од притворените, лицето З.В. врбувал две лица кои му помогнале во снимање на матерјалите за што добиле паричен надомест, вели Груевски.

Двете лица според сознанијата што ги добил, го признале делото пред истражните органи во кривичната постапка, а судот веќе едно од лицата кое во целост го признало делото го осуди за виновно и му изрече затворска казна.

- Лицето Ѓ.Л. кое патем речено во времето кога лицето З.В. извршувал висока државна функција во МВР било негов прв соработник, во тоа време откако се соочило со доказите на МВР и обвинителството за стореното кривично дело, го признало делото признавајќи дека како познаник и повеќегодишен соработник на лицето З.В. по негово барање го врбувал лицето З.К. вработен во УБК од 1993, кој е најискусниот и главен  инжињер во МВР односно во УБК и кој работел токму на опремата за следење на комуникации во МВР која се користи само во законски одобрена постапка. Тој му кажал дека на З.В. му се потребни снимени матерјали со цел нивно давање на странска разузнавачка служба, а заради нејзини потреби за следење на политичките и општите состојби во РМ, посочи Груевски. За тоа му била ветена, а потоа и реализирана парична награда во повеќе наврати. Материјалите, тврди премиерот, биле доставувани до трет фактор, и користени за анализа и други дејствија.

Лицето З.К., според објаснувањето на Груевски, ја прифатило незаконската понуда и нелегално, спротивно на закон ги приклучувало на снимање сите броеви кои доаѓале како нарачка од лицето З.В., а во посредство на лицето Ѓ.Л.

- Снимените материјали ги предавал редовно на лицето Ѓ.Л., а овој пак на лицето З.В., по што следела паричната награда. И двајцата пред истражните органи изјавиле дека биле убедени дека тој материјал ќе заврши само кај странска разузнавачка служба, и дека никогаш нема да биде објавен јавно, што им влевало надеж дека никогаш нема да бидат разоткриени. Кај двете лица во извршениот претрес и проверки најдени се материјални докази за истотото и поголеми количини на пари и акции. Меѓу другото во претресот на лицето З.К. пронајдени се и ЦД-а со снимени телефонски разговори и тоа е пронајдено токму во неговата канцеларија, рече Груевски.

Снимањето според нивните искази започнало некаде во 2010-тата година.

- Со ова паднаа во вода и сите обвинувања на опозицијата дека ние стоиме зад прислушувањето за што всушност тие немаат ниту еден доказ. Ниту еден. Тоа им беше само параван за да почнат со објавувањето и јавноста да ги ослободи од некаква одговорност и да ги разбере дека нели тие биле репресирани и сега ќе објавуваат какви нелуѓе сме биле ние, изјави на прес-конференцијата Груевски.

Целта на опозицијата, смета тој, е да создаде страв кај луѓето дека којзнае што имаат за некој од нив, односно да имаат можност да го балансираат гневот на граѓаните од фактот дека едно лице како Зоран Заев го има нивниот приватен живот на компакт диск, дека го руши системот на оваа земја, дека директно ги нарушува државните интереси, и ја руши приватноста на граѓаните.

Вториот начин како се снимало е со т.н. тактичка опрема, вели Груевски.

- Откако Зоран Заев започна да ги упатува заканите кон мене, МВР покани врвни експерти за оваа проблематика од позната странска компанија, која со своја опрема изврши проверка и утврди дека повремено на различни локации главно во центарот на Скопје, непознат сторител врши нелегално прислушкување и снимање на телефонски разговори, користејки мобилна опрема, чија локација постојано се менува, а која функционира по принцип на клонирање на т.н. базни станици, посочи тој. 

Се правела, како што рече, промена на местоположбата, а во радиус од околу два километри од институциите, главно во центар, од каде се лоцирале токму и телефоните на државниот врв и носителите на јавни функции, и таа опрема ја приклучувале во одреден дел од денот најчесто помеѓу 12 и 18 часот.

- МВР за ова има и писмен извештај за наодите кои произлегоа од нивната работа, но досега неуспеа да ги лоцира сторителите, заради што, истрагата за ова сеуште е незавршена. Она што беше посочено е дека нивната анализа укажува дека оние кои го обавуваат снимањето со мобилната тактичка опрема се професионалци од висок калибар, високо обучени за такви дејствија, истакна Груевски.

 

 

Оцени ја веста

25.02.2015 - 20:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега